На подрачјето на Општина Дојран изминатите два дена во полицискиот Билтен евидентирани се една тешка сообраќајна несреќа и пронајдена граната во близина на дворно место.
Сообраќајката се случила на 15.03.2026 година во 03:48 часот пред Граничен премин „Дојран“.
Во Полициската станица Струмица е пријавено дека на регионален пат 1105, пред Граничен премин „Дојран“ патничко возило „Фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.А.(55) од Нов Дојран, излетал надвор од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, а повредите биле констатирани во Медицински центар Гевгелија.
Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а увид на местото изврши екипа на Полициската станица Гевгелија.
За гранатата, пријавено е на 16.03.2026 во 18:00 часот во Полициското одделение Нов Дојран од страна на Б.А.(53) од село Сретеново, општина Дојран. Тој до полициските службеници пријавил дека во близина на неговото дворно место пронашол граната. На 17.03.2026 гранатата е подигната од пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, при што е утврдено дека се работи за артилериска граната калибар 100 мм, која потекнува од Првата светка војна.
Инаку, Сретеново е населба во Стар Дојран, лоцирана непосредно до плажата на Дојранското Езеро, што значи дека ваква неексплодирана граната од Првата Светска војна повеќе од еден век лежела под земја во урбанизирано подрачје од туристичкото место Дојран.


















