Се’ додека има следбеници манифестацијата „Ѓура Мара“ ќе има иднина, а со тоа животниот историјат на ова село од пред речиси два века ќе остане да живее со легендата за храбриот брат Ѓуро и убавата мома, неговата сестра Мара, и двајцата од Миравци, кои им се спротивставили на турските зулумџии.
Случката се случила на трет ден Велигден кога миравчките девојки како по обичај заиграле оро на сред село, а од тука ја грабнале турците убавата мома Мара оти му „запнала“ за око на тамошниот турски великодостојник. Но, братот Ѓуро со другарите се впуштил во потера по турците и ја ослободил својата сестра Мара.
Е оваа жива легенда, опеана во песна и адаптирана во оро жителите на Миравци ја изведуваат на истиот ден, Трет ден од Велигден секоја година како своја традиција и културен бренд.
Манифестацијата е жива речиси два века благодарение на следбениците кои ја прифаќаат и спроведуваат во дело исто како нивните предци, а сега членовите на играорната група при КУД „Танец“ од Миравци.
Овде најмала играорка е три годишната АНА Спасова која со мерак позира со традиционалната народна носија на миравчките жени и девојќи, а на орото игра пред ќецот, зошто е најмала, ама сигурна во движењата.

Ана е убавата наследничка на Ангел и Софија Спасови, наследничка на традициите во Миравци, идна лична мома во орото Ѓура Мара“ зошто и сега и’ личи насмевката, и сега и’ стои ружата протната под шамијата, и сега позира самоуверено како се’ да знае за манифестацијата, орото и песните миравчки.

Голема да растеш АНА, убава и среќна и да заиграш некогаш во улогата на опеаната Мара од манифестацијата „Ѓура Мара“.





















