Во изминатите триипол недели Дојранското Езеро послабо го посетуваа дождовни облаци, па улогата на спасители на езерото го имаше природата, природните речни водотеци кои се слеваат во езерото и топењето на снеговите од Беласица.
Така, за изминатите 25 денови Дојранското езеро ја крена својата снага со нови пет (5 cm) сантиметри, но присуството на ветрот повеќе денови и распрскувањето на брановите ја изгубија водената маса за 2 cm. Така што сега нивото остана со пораст од 3 сантиметри за разлика од пред две недели.
- „Во моментот нивото изнесува 60 сантиметри над „0“-та котата. Тоа е за три сантиметри повеќе од минатиот месец“ – изјави за GevgelijaNet Злате Талевски, официјалниот мерач од УХМР.
Инаку, на езерото на југот му фалат дополнително уште 60 сантиметри за да го достигне договореното ниво со соседите, а тоа е 120 сантиметри над „0-та“ котата.
Сепак, природата полека но сигурно го враќа животот во Дојранското езеро.



















