Со богати штандови пчелини производи од локалните производители на мед и музичка програма од најмалите од детските градинки во Гевгелија денес се одбележа Светскиот ден на пчелите, 20 мај.
Обединетите нации го установија овој ден во 2017 година упатувајќи глобален повик за заштита на пчелите и биодиверзитетот.
Во Македонија има околу шест илјади пчелари, кои што се грижат за над 300 000 пчелни семејства. Во југоисточниот дел има повеќе од 500 одгледувалишта и над 22 000 пчелни семејства кои сведочат за посветеноста и љубовта кон оваа благородна дејност. Во Општина Гевгелија се регистрирани над 70 одгледувалишта со 4.500 пчелни семејства.
Во Гевгелија пред 75 години е регистрирано првото земјоделско здружение коешто датира од 1950 година – гевгелиското Здружение на пчелари „Нектар“, како и Пчеларската федерација на Македонија, со што нашиот крај ја оправдува денешната манифестација посветена на пчелите и пчеларството во Македонија и светот.
Настанот е во организација на АДРА, Амбасадата на Р.Словенија, Пчеларската Федерација на Македонија и Општина Гевгелија. 🐝




















