Денеска, после децении наставнички стаж, а само неполни две години пензионерски стаж, почина Тања Делева, долгогодишен наставник по одделенска настава во Општинското основно училиште „Владо Кантарџиев“ Гевгелија.
Здравјето не ја остави да ужива во пензионерските денови, во радоста со своите внучиња, туку предвреме ја понесе на место каде болките исчезнуваат.
Но, овде останува болката за изгубената сопруга, мајка, баба, сакана наставничка на многу генерации деца кои што таа ги внесе во тајните на писменоста, читањето, пресметувањето и првите подготовки за образовна-научна потрага по знаењето и животниот напредок.
Беше сопруга на поранешниот градоначалник на општина Гевгелија Драги Делев, мајка на три сина Љупчо, Васил и Дени, баба на саканите внуци и внуки.

– „Зад себе остави неизмерна љубов, добрина и спомени што засекогаш ќе живеат во нашите срца.
Како наставничка, со огромна посветеност и љубов воспитуваше и образуваше генерации ученици, оставајќи неизбришлива трага во нивните животи. Како мајка и баба, беше нашата сила, поддршка и најтопла прегратка.
Ти благодариме за сè што ни даде, за секој совет, секоја насмевка и секој миг поминат со тебе. Ќе ни недостигаш неизмерно, но твојата љубов и добрина ќе останат засекогаш дел од нас.
Почивај во мир. Вечна ти слава и благодарност. ❤️🕊️“ – напишаа на социјалните мрежи членовите на потесното семејство.
Последна почит на Тања ќе може да се оддаде во четврток, 16 јули 2026 година, од 10:00 до 11:00 часот во Градската капела во Гевгелија.
Почивај во мир Тања!




















