Со добра воља, верба, заедништво и соработка жителите на село Фурка, општина Дојран остварија една заедничка желба, заедничко дело – поставија, осветлија и го осветија новиот Христијански крст над селото ✝️.
Целата манифестација ја крунисаа вчера попладне со церемонија на осветување на Крстот над селото, изграден во месноста наречена Каменот. На церемонијата на осветувањето учествуваа отец Теофил и отец Василиј од Струмичката Епархија и бројно граѓанство од селото, но и подалечни посетители кои имаат семејни корени и родни спомени од Фурка.


Целиот проект беше заложба на самите жители на Фурка, кои самоиницијативно се организираа собиираа средства за изградба на крстот, донираа материјали, цемент, песок, а и заеднички учествуваа со доброволна работа во изградбата на крстот.
Крстот висок 6 метри, широк 3,8 метри дење се гледа со голо око стои стамено над Фурка, а за светоста да ја шири и ноќе истиот беше осветлен пред три дена во соработка со фирмата која го одржува јавното осветлување во селото „ПМ електрик“. На крстот се поставени лед ламби, а истите се приклучени со уличното осветлување. Така што, низ која улица да одите ноќите во селото Фурка светлината на Крстот ќе ве следи по вашиот пат.

Осветувањето на Христијанскиот крст беше сенародна веселба за жителите на Фурка. Се подготвија: празничен колач за светата литургија, празничен ручек за сите посетители, празнична забавна програма за радоста да трае и да се памети. Заедничкиот ручек беше послужен во центарот на селото и секој гостин и намерник беше добредојден тој ден.


Денес жителите на Фурка спијат помирно – ги осветлува светоста на Христијанскиот Крст, ги грее чувството на верба и сожителство со своите соседи, ги оплеменува заедничката дружба и работа и знаат дека заедно можат многу работи да направат за подобар живот во Фурка и да ги пребродат несреќите и непогодите кои ги демнат заедно.
Можеби токму неколкуте пожари во близина на селото минатата и други години кои се закануваа да го фатат во огнен обрач селото Фурка, а последната огнена ноќ заврши со дар од небото, дожд кој го изгасна пожарот, токму тоа можеби ги науми жителите на Фурка да се здружат со Божја промисла и преку Светиот Крст да ја имаат и заштитата од Бога.

Сега и Бог полесно и поумилно гледа кон Фурка, знае точно каде е по Светиот Крст кој сјае ноќе и со благост испраќа пораќи за добробит на овие богоугодни и здружни сограѓани.
Нека Ви е честито фуркалии, нека Ви е за на век Светоста и заштитата Божја!























