Со убедливо најмногу бодови и освоено ПРВО место на Екипното првенство во шах во Втора лига на Македонија шахистите од ШК „7 Ноември“ Гевгелија го освоија ПОБЕДНИЧКИОТ пехар и статус на ПРВОЛИГАШ.
Победата беше остварена вчера на последниот ден од натпреварот што се одржа во хотелот Сириус Струмица, каде екипата на гевгелискиот Шаховски клуб „7 Ноември“ ја оствари последната „крунска“ победа над тимот на „Капабланка“ Скопје.
Ова е големо остварување за гевгелиските шахисти со самиот факт што ШК „7 Ноември“ е формиран 2021 година и за 5 години постоење обезбедува пласман во ПРВА Шаховска лига на Македонија.

Заслужни за овој успех се шахистите од тимот на ШК „7 Ноември“ Гевгелија:
1. Горан Арсович
2. Тодор Андонов
3. Сарафчо Петров
4. Сашко Ефтовски
5. Петар Димов
6. Кавазов Кристијан
7. Најдески Благојче
8. Ефе Ибраимов
9. Илија Велков
10. Слободан Дачев
11. Борче Танчев
12. Славчо Кочев

Најмногу поени на Првенството во Струмица постигна ИМ Горан Арсович со вкупно освоени 7 поени без ниеден пораз. Исто така се издвоија нашите младински прваци Кристијан Кавазов и Ефе Ибраимов.
Пласманот екипно на табелата од Втората Шаховска лига на Македонија изгледа вака:
1. ШK „7ми Ноември“ – Гевгелија – 16 поени
2. „Штајниц“ Битола – 15
3. „Кочани“ Кочани – 13
4. „Капабланка“ Скопје – 13
5. „Карпош“ Скопје – 8
6. „Шах Шех“ – Битола – 7
7. „Каменица“ Саса – 7
8. „Мск Центар“ Скопје – 5
9. „Теута“ Липково – 4
10. „Пелагон“ Прилеп – 2

Инаку, Гевгелија има повеќедецениска шаховска традиција, младински прваци во шах во 70-те и 80-те години од минатиот век и статус на прволигаш пред 35 години. Со обновата на шаховскиот клуб во Гевгелија во 2021 година и активирањето на повозрасната шаховска гарда од Општината и регионот, заедно со новите членови млади шахисти, продолжуваат успесите и за брзо време од само 5 години ШК од Гевгелија се етаблира во Лигата на најдобрите клубови во Македонија.
- „Клубот секој месец организира Гранд При турнири, турнир за Општинскиот празник 7ми Ноември, Новогодишен турнир, исто така зема учеството на сите рапид турнири во Македонија и странство. Додека младинците повеќе учествуваат на стандард турнири во шах. Оваа година имавме младински првак на шах Кавазов Кристијан кој се пласираше и учествуваше на Светско првенство во шах“ – изјави за GevgelijaNet Претседателот на гевгелискиот шаховски клуб „7 Ноември“, Слободан Дачев.

Тој најави дека клубот наскоро ќе го организира Меморијалниот турнир „Венци Попов“ кој ќе се одржи на 13 септември, а како НОВ ПРВОЛИГАШ во август следната година ШК „7 Ноември“ Гевгелија ќе учествува на Првенството во ПРВА Македонска шаховска Лига во организација на Шаховската Федерација на Македонија.
Убави достигнувања, убави планови за нови остварувања.
Честитки за НОВИТЕ ПРВОЛИГАШИ од Гевгелија!




















