Празничниот Илинден и продолжениот викенд, со топлото време без изненадувања од невреме и грмотевици како минатата недела, во Дојран беше пригодно одбележан со голем број гости, викендаши, летувалци кои уживаа на езерото, но и на она што го пружат домашните угостители.
Денот Свети Илија, заштитникот на Дојран започна со одржување на Света Божествена литургија во црквата Свети Илија во Стар Дојран, објект кој датира од 19 век на овие простори, опожарена за време на ПСВ, па обновена и осветена.

Летните уживатели му се препуштија на сонцето и езерското разладување. Плажите и лежалките беа посетени преку целиот ден, а уживателите во зелените води од езеро обоено од цветот на алгите богати со јод, ги забележа во своето видео Бети Златкова.
Кафеаните, рестораните, сендвичарите, кафиќите беа преполни и се бараше место повеќе. Секој сакаше празникот да го помине угостен и услужен, а капацитетот на угостителството во Дојран пружи колку што можеше.

Најзабавно до доцна во ноќта на ден Св.Илија беше во с.Фурка каде освен црковните адети за заштитникот на селото се одржа и сенародна забава, свечен ручек и вечерен концерт за сите жители и добронамерни гости во Фурка. На концертот настапи гевгелиската поп-рок група „Зијан“ и други музички изведувачи.
Нека е вековит Илинден и милоста на заштитникот Свети Илија!



















