Летната голгота за влез во Грција продолжува и денеска со нови слики за застој на граничниот промет, долги колони возила, нервозни патници и саати и саати чекање на граничните премини.
Извештаите кои доаѓаат од граничните премини со Грција „Дојран“ и „Богородица“ укажуваат на еднаков заклучок „пекол на сонцето што не се помрднува“.
На пладне сликата од централната улица во Дојран која оди до ГП „Дојран-Дојрани“ бележеше колона долга се’ до влезот на Стар Дојран, до седиштето на локалната самоуправа. Заклучок – Дојран сардисан од транзитни туристи на пат кон Грција
Во моментот колоната за излез од Македонија и влез во Грција на преминот “Дојран MK -Дојрани GR” е долга 4,5 километри и се протега се’ до градскиот пазар, па кафана „Фук-Так“, се’ до седиштето на Општина Дојран кое се наоѓа на самиот влез од Стар Дојран.
Вакво нешто локалните жители не паметат до сега да се случило во Дојран. Колоните автомобили го реметат секојдневието на мештаните и гостите кои за празникот Илинден уживаат во Дојран.
На ГП „Богородица МК – Евзони GR“ состојбата е нервозна. Пет колони патнички возила и колона за автобуси и камиони со часови се заглавени во меѓуграничниот простор. Нервозата ескалира, па патниците во возилата почнаа во знак на револт да трубат со автомобилските сирени.
Видеото од овој топол напнат ден на пат кон Грција го сподели на социјалните мрежи „Пат кон Грција“.
Нема спас од колоните ова лето со новиот електронски систем на евиденција на патници и возила што го пропиша ЕУ на сите гранични премини кон земјите членки на ЕУ.




















