Деветгодишниот Јован Насев од Гевгелија веќе две години тренира во Грција, во Акаденија ПАОК, а оваа година го направи својот прв клубски трансфер на само 9 години, потпишувајќи двегодишен договор со „Академија Александрос Килкис“ од Грција.
Во понеделникот е потпишан Договор за настап, тренинзи и натпревари со „Академија Александрос Килкис“ од Северна Грција на период од 1 + 1 година и малиот успешен фудбалер од Гевгелија, Јован.
- Оваа и следната Јован ќе биде дел од „Александрос Килкис“, додека не наполни 11 години. Многу клубови во Грција, гиганти како АЕК Атина и Академијата на ПАОК, во која Јован беше член, беа заинтересирани за него и кои сакаа да го задржат во своите редови, но за мене како родител беше невозможно да патувам 250 км секој ден до и од тренинг. Јован е на радарот на многу клубови две сезони по ред и е најдобар стрелец во првенството, постигнувајќи 57 и 45 гола, играјќи со деца постари од него за 2 години, но како што рековме, возраста е само бројка, квалитетот се гледа на теренот. Александрос Килкис е академија во која играат најдобрите таленти, а со нив и Јован“ – вели за GevgelijaNet таткото на Јован, и самиот некогашен фудбалер на ФК „Кожуф“ Гевгелија, Александар Насев.
Јован во понеделникот го имаше првиот тренинг со тимот на „Академија Александрос Килкис“ и се покажа на теренот со постигнат гол.
Нашиот портал GevgelijaNET пишуваше за спортските достигнувања на малиот Јован уште во 2024 година кога на 7 годишна возраст постигна договор за настап во „Академија ПАОК“ во Поликастро, Грција. Со дресот на овој тим тој учествуваше на 12 турнири и во сите беше успешен голгетер, или создавање на ситуација за гол, за што беше прогласен на сите турнири за „Најдобар играч на турнирот“.
Спортската редакција на GevgelijaNET го забележа неговиот спортски напредок и во јануари годинава му додели ПЛАКЕТА на ЈОВАН НАСЕВ за Спортско откритие за 2025 година – млад талентиран 8 годишен фудбалер, носител на 12 трофеи за МВП на одиграни 12 турнири во „Детската лига“ во Грција.
Честитки за најновиот клубски трансфер на Јован во „Академија Александрос Килкис“ и продолжи со нови успеси, нови победи!

Јован е ученик кој на 1 септември ќе биде веќе трето одделение во ООУ „Крсте Мисирков“ Гевгелија. На тренинзи во Грција оди три пати неделно, а за време на викендите настапува на турнири со својот клуб. Овој пат со „Академија Александрос Килкис“. Време за учење наоѓа, сака да чита, да си игра со другарчињата, а фудбалот е за него игра која не ја одложува. Затоа е и успешен и напредува со финесите на теренот.

Инаку, Фудбалскиот клуб „Академија Александрос Килкис“ е грчки фудбалски клуб со седиште во Килкис, Грција, кој се натпреварува во лигата А1 на Фудбалската асоцијација на Килкис (FCA), дел од петтото ниво на грчкиот фудбал. Клубот е осниван во 1999 година и во текот на раните 2000-ти години се натпреварувал во регионални аматерски лиги под надзор на Фудбалскиот сојуз на Килкис.
Клубот ја освоил титулата во Источната група од категоријата „А“ во сезоната 2015–16, а потоа и во лигата „А1“ на Фудбалскиот сојуз на Килкис во сезоната 2017–18, со што за првпат во својата историја обезбедил пласман во „Гама Етники“. Во сезоната 2018–19, тие го освоиле осмото место во Групата 1 на „Гама Етники“ и го освоиле Купот на Фудбалскиот сојуз на Килкис.
Тие продолжуваат да се натпреваруваат во лигата „А1“ на Фудбалскиот сојуз на Килкис.


















