Македонските граѓани на овој ден пред 35 години, во 1991 година, на референдум се изјаснија за суверена и самостојна Македонија.
На прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден Сојуз на Суверените држави на Југославија?“ со „ЗА“ одговорија 96,46% од граѓаните на Македонија.
Ова значеше ново поглавје за Македонија самостојна и суверена држава со свое уредување, Влада, институции, јазик и култура.
„Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“ – одекна гласот на првиот претседател Киро Глигоров вечерта на 8 септември 1991-та од плоштадот Македонија.
Патот на самостојноста и сувереноста започна од 6 август 1991 кога беше донесена Одлука за референдум од страна на Собранието на Македонија.
На 8 септември 1991 се одржа Референдум за независност на кој гласаа граѓаните на Република Македонија, слободно и самостојно.
Право на глас имаа 1.495.807. На гласање излегоа 1.132.981 или 75,74%. Резултатите беа: 1.079.308 гласови или 96,46% „ЗА“, 39.639 или 3,54% „ПРОТИВ“, а 14.034 или 1,24% од гласачките ливчиња беа неважечки.

На 18 септември 1991 година, 10 дена по гласањето потврдена е референдумската волја. Собранието ја усвојува Декларацијата за прифаќање на резултатите од референдумот, со што институционално се потврди определбата за независна и суверена Македонија.
17 ноември и 20 ноември 1991 – Првиот Устав
На 17 ноември Собранието го усвои Уставот на Република Македонија, со кој се поставуваат темелите на современиот уставен и политички систем на независната држава. Три дена подоцна, свечено се прогласува Уставот со што се заокружува еден од најважните правно-политички процеси на осамостојувањето.



















