Со биење на камбаните во црковните храмови во Гевгелија на полноќ беше огласена радосната вест за воскресението Христово.
Гевгеличани го понесоа благодатниот оган кој од Ерусалим пристигна во Гевгелиските цркви околу 22 часот и со неговиот пламен се означи почетокот на црковната процесија за Христовото Воскресение.
Со запалени свеќи на кои гореше Благодатниот оган од црквата во Ерусалим гевгеличани по објавата на радосната вест за Христовата победа на смртта со смрт и Воскресението, го однесоа огнот на животот во своите домови. Радоста се прослави со кршење на бојадисаните велигденски јајца, а со нивното конзумирање заврши 40 дневниот предвелигденски пост на верниците.
Ваква беше атмосферата и објавата на радосната вест во Црквата “Свети Кирил и Методиј” во Гевгелија.
- „Нека светлината од Христовото Воскресение Ви ги осветли Вашите срца, а неговата бесконечна љубов ги благослови Вашите животи и Вашите домови. Жива и здрава да си Гевгелијо, ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!“ – објави отец Жековски.
Црковната церемонија ја следеа голем број на граѓани од Гевгелија, но и од соседна Грција, зошто и нашите соседи како православни христијани го празнуваат овој ден Велигден.
Освен полниот црковен храм и во црковнит двор, граѓани ја следеа црковната литургија, а за тие кои немаше место во божјиот храм ја следеа процесијата надвор преку гласот на отецот Жековски кој ја изведуваше литургијата на разглас, за секој да ја слушне радосната вест за Христовото Воскресение.
Честит и вековен да е Велигден, најважниот и најголем празник во христијанската религија!