Градот на југот денеска освен сончевата топлина ја има и топлината на припадниците на Црвениот крст на Македонија. Над 100-на учесници од 16 општини, поддржани од Општинските организации на ЦК се натпреваруваат во знаењето по Прва помош.
Центарот на градот е преполн од волонтери на Црвен крст од 16 градови од Македонија, вклучително и градот домаќин Гевгелија, кои се натпреваруваат во знаењето и ефикасноста на пружење прва помош на повредени лица. На повеќе локации има работни камп точки каде под будното око на стручните судии учесниците ги покажуваат своите вештини и знаење по најпотребната прва помош во итни случаи, несреќи и хуманитарни катастрофи.
Волонтери од Гевгелија симулираа повреди од скршеница, исеченица на долни екстремитети, убод од пчела, клиничка смрт кај возрасен и друго.
Сите учесници се средношколци, а најдобрите три екипи ќе учествуваат на државниот натпревар по прва помош кој ќе се одржи во Гостивар под покровителство на Црвениот крст на Македонија.
Организатор на настанот е Црвениот крст на Македонија под домаќинската палка на ОО ЦК Гевгелија.