Фондацијата „Ице Бегов“ насочена кон помош на децата и на лицата со посебни потреби за својата претстојна хуманитарна акција „За нашите мали херои“ доби благослов од Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан.
Со топли зборови и очинска љубов Г.Г. Стефан го благослови подвигот на Антонио Пандовски кој ќе трча 600 километри од Соборниот храм во Скопје до Манастирот Острог, како гест на поддршка на хуманитарната акција за собирање средства за донација на Детската клиника во Скопје. Архипископот Г.Г. Стефан даде поддршка на мисијата и организација на Фондацијата „Ице Бегов“ со очински благослов.
– „Ви благодариме, Ваше Блаженство, што ја препознавате хуманоста и љубовта во делата на Фондацијата „Ице Бегов“. Со ваша поддршка – чекориме посигурно. Со Антонио – чекориме похрабро. Со децата – секогаш во срцето“ – искажаа благодарност претставниците на Фондацијата при средбата со Поглаварот на МПЦ.

Претседателката на Фондацијата Елена Бегова, поранешна гевгеличанка изјави дека приоритет во нивната најнова хуманитарна мисија е набавката на 10 витални апарати кои ќе ја подобрат дијагностиката и грижата за најмалите пациенти, со гаранција за транспарентноста на донациите и колку значи заедничкото делување за здравјето на децата.
Поттикот на спортистот Антонио физички да се вклучи во хуманитарната акција со спортски гест, да истрча до Острог вели дека доаѓа после смртта на неговата мајка која починала од канцер, а многу сакала да го посети чудотворниот манастир Острог во Црна Гора кој е посветен на Свети Василиј Острошки. Желбата не и’ се остварила, ја престасал канцерот во нејзиното тело, затоа се зарекол оваа посета на Острог да ја направи со спортски видлив хуманитарен чин за сите деца, пациенти на Детската Клиника во Скопје за и тие да имаат надеж дека ќе оздрават.
За своите побуди во хуманитарната акција зборуваат лично Антониот и Елена во гостување на Сител Телевизија. Погледнете:
Елена Бегова верува во успехот на оваа нова хуманитарна акција:
– „Благословот што го добивме не е само духовна поткрепа, туку и силна порака дека добрината, вербата и заедништвото се темелите врз кои градиме подобар свет за децата што се борат со најтешките предизвици“ – истакна таа.
Акцијата на Антониот започнува на 2 јули 2025. Тој очекува поддршка од луѓето како на денот на почетокот на акцијата пред Соборниот храм, така и на тркачките рути долж Србија и Црна Гора.