Пожарот кој изби на подрачјето на селото Асанли, дојранско на 7 јули, денеска попладне 15 јули, после 9 дена интензивна борба со огнената стихија е СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА.
Ова во видео изјава го потврди Кире Михаилов, заменик директор на ЈП „Македонски шуми“. Пожарот и понатаму е активен во ридестите делови над Николиќ, во правец кон Валандово, но тој е локализиран од проширената линија на шумски патишта долга 34 километри, со која се спречува огнот од внатрешноста да премине на другиот крај од патот и да започне нов терен со огнен пустош.
Денеска на терен беа ер-тракторите кои ги посипуваа со воден товар разгорените точки, а беа присутни и повеќе десетици вработени од ЈП „Македонски шуми“, ШС „Кожуф“ Гевгелија.
Во изминатите девет дена пожарот кај Николиќ беше еден од најпроблематичните, бидејќи дојде момент кога беа загрозени куќите, индустрискиот објект, потребата да се заштитат од опожарување фабричките хали со постојни боци на запалив метан.
Во акцијата за гаснење на пожарот учествуваа 50 пожарникари од ТППЕ Гевгелија, Валандово, Струмица Кавадарци и Неготино, од ДППД Дојран, потоа 80 припадници на АРМ; 100 вработени во ЈП „Македонски шуми“, екипажот на пинцгаурите и БТР-от, на ер-тракторите, на армиските и МВР хеликоптерите кои исто така дадоа огромен придонес во надминувањето на оваа катастрофа.
Денеска се најави нестабилна облачност на југоистокот, но дожд не заврна во дојранско. Наместо тоа, удар од гром во висините на Беласица предизвикааа пожар на тромеѓјето помеѓу Македонија, Грција и Бугарија, но на Грчка територија. Известени беа властите во Грција и тие со воздухоплови го елиминираа пожарот на Беласица.
Дојранската огнена 9 дневна сага заврши со обрач околу опожрениот дел. Она што остана да догорува треба да догори внатре во обрачот, без да загрози нова шумска маса.
Дожд не заврна денеска во Дојран за да го изгасне пожарот кој беснее 9 дена. Го ставија под контрола ТППЕ единиците, вработените во ЈП „Мак.шуми“, воздухопловите на АРМ, МВР, ДЗС и од соседна Грција. Еден го предизвика, волно, или неволно, а над 300 луѓе го гаснеа заедно со локалното население
Да внимаваме! Да ја чуваме природата, една искра е закана за природата на овој сушен период и сува вегетација!