АТИНА БОЈАЏИ – на овој ден 09.09.1969 го преплива каналот Ламанш долг 34 km за 13 часа и 20 минути. Имаше само 25 години, а успеа да испише историја за македонското пливање, како прва пливачка од Македонија на која и успеа овој маратонски подвиг, односно прва пливачка од Југославија која го препливала студениот Ламанш.
За овој настан е снимен филмот “Исправи се Делфина”.
Родена е на 13 март 1944 година во Охрид, а почина во Скопје на 28.12.2010 година.
На 11 години успеала да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин итн. Таа била светски првак во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон одржан во 1962 година.
Пливачката кариера подоцна ја заменува со тренерска, најнапред во белградскиот клуб „Црвена звезда“, а потоа и во спортски центар во Лос Анџелес, САД. Во 1998 година Македонскиот олимписки комитет ја овенчува со признанието ВЕЛИКАН на македонскиот спорт, а во 2000 година дневниот весник “Утрински весник“ ја прогласува за спортист на векот.
Единствената во многу нешта, пожртвуваната мајка и пред сè голем човек, легендарната Атина Бојаџи почина 2010 година на 66 годишна возраст. По враќањето во Македонија од виорот со распадот на Југославија државата и’ додели Национална пензија за високите спортски достигнувања.
10 години претходно, на 09.09.1959 г. НИКО НЕСТОР беше првиот маратонец од Македонија кој го преплива Ламанш.
Да не се заборават македонските спортски херои!




















