Пред точно 31 година, на 16 март 1992 основана е првата приватна Авто школа на подрачјето на општина Гевгелија.
Тоа е „ПРИМА“ на основачот и сопственик Атанас Атанасов.
Својот бизнис старт го започнал со 2 возила и двајца вработени. Тридеценискиот бизнис ангажман го доведе до растежот на кој се денеска горди како фирма – пораснале четирикратно по бројот на вработени и 4,5 пати по бројот на возилата. Денеска во оваа авто школа работат 8 инструктори. Возниот парк наменет за обука брои 9 возила од кои три мотори за полагање, еден камион со приколка и 5 автомобили.
Работејќи претежно со млади луѓе на кои достигнувањето во зрелоста им значело и стекнувањето со возачка дозвола, на вработените во АШ „Прима“ работата им била полна со младешки жар.
Годишно во просек низ нивната обука за возачи поминувале 400 лица. Во тридеценискиот растеж кој го испишуваат со гордост денеска, започнувајќи ја четвртата деловна деценија, сопственикот и менаџер Атанас Атанасов за GevgelijaNet.com изјави дека до сега со нивната обука со возачка дозвола се стекнале над 10,000 наши граѓани.
– „Поседуваме лиценца за АМ -А1, А2, А, В, С, СЕ. Тоа се сите категории на моторни возила за кои Авто школата „Прима“ е овластена за спроведување на оспособување на кандидати за возачи“ – ја објаснува својата лепеза на категории сопственикот Атанасов за која поседува лиценца издадена од МВР.
За својот развој Атанасов вели дека значи упорност, зошто лесно е да си пионер во бизнисот, но тешко е да се одржиш и растеш со налетот на приватизацијата и појавата на конкуренцијата, па доследноста кон потребата на клиентите е секогаш пресудна за успехот.
– „Никогаш не застанувајте додека не ја постигнете целта во вашиот живот.Ниту една пречка не може да ве повлече се’ додека имате верба во себе. Продолжуваме да чекориме напред тимски кон нови предизвици и уште поголеми успеси’ – порачува одлучно овој посветен гевгелиски претприемач и докажан бизнисмен.
Нашите честитки за 31-виот роденден на Авто Школа „ПРИМА“!
Ви посакуваме уште нови 10.000 кандидати и обучени возачи на вашето бизнис конто.
А гевгеличани, оние кои се возеле со инструкторите на „Прима“, или оние кои ги претекнувале нивните возила, им порачуваме – Повеќе разбирање кон оваа професија, повеќе трпение кон новите кандидати за возачи и нивните спори движења. Добро обучените возачи се и гаранција за безбедност со новите учесници во сообраќајот.
Среќно „ПРИМА“ !