Meсец мај Југот на Македонија Гевгелија, Дојран и Валандово, ќе бидат средиште на фудбалски спектакл со одржувањето на најновиот „INTERNATIONAL MASTERS CUP 2026“ во фудбал на кој веќе се најавени екипи од познати фудбалски гиганти.
Турнирот е меѓународен и пионерски, ќе опфати помлади возрасни категории, т.е. генерации од 8 до 12 годишна возраст.
Засега пријавени за учество се пионерски тимови од фудбалските гиганти Фенербахче и Бешикташ од Турција, Црвена Звезда од Србија, ЦСК од Софија-Бугарија, Панатинаикос од Грција, 𝙆.𝘼.𝘼 𝙂𝙀𝙉𝙏 од Белгија, се очекуваат одговори и од други популарни тимови од регионот.
Интернационал Мастерс Куп 2026, е нов спортски настан кој веќе привлекува големо внимание од фудбалската јавност благодарение на квалитетот на учесниците и амбициозната организација. Во текот на трите дена од турнирот, од 22 до 24 мај 2026, се очекуваат голем број натпревари, меѓународни дуели и можности за афирмација на млади фудбалски таленти.
Турнирот е рангиран во календарот на AFT како Masters Tour и носи поени за сите четвртфиналисти и големи 50 AFT поени за победниците во нивните категории.
Идејните двигатели и организатори на турнирот се Ристов Кристијан, фудбалски тренер при младинската школа на ФК „Џокер“ од Фурка, заедно со Сашко Бајлозов, поранешен професионален фудбалер, моментално активен во раководството на ФК „Победа“.
– „ Идејата за организирање на турнир е фактот што во моментот кај нас во нашиот регион младинскиот фудбал пропаѓа, а тоа остава монотона слика во спортот. Со овој турнир ќе овозможиме нашите дечиња од Македонија да можат да играт натпревари со врсници од професионалните клубови ширум Европа. Започнуваме со реализација за подготовките на турнирот заедно со колегата Сашко Бајлозов кој откако го презеде клубот ФК „Победа“ започна со мене да соработува околу фудбалските дејствија во овој регион“ – изјави за GevgelijaNet Кристијан Ристов.

Кристијан е млад фудбалски ентузијаст, има само 29 години, а веќе оформен стаж од 8 години како детски и младински фудбалски тренер, колку што години постои Фудбалскиот клуб што го формираше „Џокер“, а за публиката познат по амбициите на децата фудбалери – каде одат на натпревари, турнири, во земјата и светот, најчесто победуваат и трофеи носат дома.
– „Јас сум најмлади во овој регион кој се труди да го развива младинскиот фудбал и личност кој сам ја формира својата фудбалска школа со цел да произведува играчи за поголемите клубови“ – вели Кристијан Ристов.
Годинава знаеме дека еден млад играч од ФК „Џокер“ веќе има договор за настап со детскиот тим на ФК „Партизан“ од Белград, а има и други примери на меѓународни активирања на фудбалерите од „Џокер“ во клубови од регионот.

Организаторите најавуваат дека списокот на учесници за Мастер турнирот сè уште не е конечен и дека во наредниот период се очекува објавување на нови големи имиња во европскиот младински фудбал.

Формат на натпреварувањето:
Меѓународниот Мастерс куп ќе се игра според системот на групна фаза и елиминациски дел, при што на сите екипи ќе им биде обезбеден поголем број натпревари, што е особено важно за развојот на младите фудбалери. Натпреварите ќе ги судат професионални судии, а посебен акцент се става на фер-плејот, едукацијата и развојната компонента на натпреварувањето. Натпреварите ќе се играат на терени со природна и вештачка трева, што обезбедува квалитетни услови за играње во текот на целиот турнир.
Покрај натпреварувачкиот карактер, Мастерс купот е и можност за меѓународно вмрежување на клубовите, размена на искуства меѓу тренерите и создавање нови спортски пријателства. Младите играчи ќе имаат можност да се запознаат со различни стилови на игра и фудбалски школи, што е важен сегмент од нивниот спортски развој.

Организаторите очекуваат доаѓање на голем број екипи, родители и фудбалски скаути од неколку европски земји.
Спортското раздвижување на Југот со учество на веќе најавените фудбалски гиганти, а се очекуваат и други, новиот Интернационален „Masters Cup 2026“ го прават средиште на врвен младински фудбал во трите натпреварувачки денови. Ова ќе биде настан што ќе го насочи вниманието на регионалната фудбалска сцена кон Гевгелија, Дојран и Валандово кон крајот на мај, каде што ќе настапат некои од идните ѕвезди на европскиот фудбал.
Подгответе се за спортска сензација, а ако имате детски фудбалски клуб кој бара фер плеј и одмерување на силите со детските тимови на големите фудбалски гиганти – ПРИЈАВЕТЕ СЕ!



















