Акцијата ја најави градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов и истата нагласува дека има законски основ согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води.
– „Фекалната канализација е наменета за одведување исклучиво на урбани отпадни води, но никако за прифаќање на атмосферски води од олуци, кровни површини и дворови. Дел од нашите сограѓани се’ уште се соочуваат со сериозен проблем при обилни врнежи, кога преку фекалната канализација доаѓа до излевање на атмосферска вода во нивните домови, подруми и дворови.
Главната причина за ова е погрешното приклучување на ОЛУЦИТЕ, КРОВНИТЕ ПОВРШИНИ И ДВОРОВИ во системот на фекална канализација од градската мрежа“ – истакнува Сарамандов.
Тој додава дека со својата јавна објава на социјалните мрежи Општината и тој како Градоначалник сакаат да ги информираат граѓаните дека се направени анализи и е утврдено дека атмосферските води значително го оптоваруваат системот кој е проектиран исклучиво за прифаќање на фекални отпадни води.

За таа цел најавува дека:
➡️ Ќе се посетуваат сите домови и ќе се задолжуваат сопствениците за отстранување на неправилностите.
– „Свесни сме дека голем дел од граѓаните не се доволно информирани за оваа проблематика и затоа согласно законските надлежности нашите служби на терен ќе ги информираат граѓаните и ќе укажуваат на правилниот начин на приклучување, со цел заеднички да го решиме проблемот што го чувствуваат дел од нашите сограѓани“ – потенцира Сарамандов.
– „Со одговорно однесување на секој од нас ќе изградиме побезбедна и уредена средина за сите“ – заклучува градоначалникот.




















