Денеска после 14 часот во Мрзенско поле се активираше пожар. Единицата на ТППЕ Гевгелија беше известена во 14:20 часот и истиот момент екипа со противпожарни возила се упатија на терен на интервенција.
Гореа земјоделски посеви во Мрзенско поле во близина на Гевгелија.
Акцијата за гаснење на гевгелиските пожарникари траеше 3 часа и 20 минути и во 17:40 часот беше прогласена целосна ликвидација на огнот, а опасноста од понатамошна огнена закана беше запрена.
Во сезоната на пожари ова е успешна акција на гевгелиските пожарникари. Тие се справија и со пожар во Фурка, општина Дојран и истиот беше изгаснат со интервенција на тимот пожарникари на ТППЕ Гевгелија, јавува Центарот за управување со кризи.

Инаку, ЦУК регистрирал 29 пожари на отворен простор во изминатото деноноќие, 22 се изгаснати, а еден е ставен под контрола.
Изгаснати пожари се регистрирани кај депонијата во Валандово, во Фурка во Дојран, во Мешеишта во Охрид, како и во Лабуништа и Делогожда во Струга.
Изгаснат е и пожарот кој беснееше во Мрзенско поле, кај Гевгелија, но нема податоци за него зошто пожарникарите уште не испратиле извештај до ЦУК – важно успешно ја завршиле акцијата за гаснење, пожарот е ликвидиран, а штетата допрва ќе се проценува.

Од ТППЕ Гевгелија ПРЕДУПРЕДУВААТ:
Ако забележат пожар во поле или на отворен простор, веднаш јавете се на бесплатниот телефонски број 112 за да го пријавите случајот во Центарот за управување со кризи (ЦУК) или на 193 до противпожарната служба. Кажете ја точната локација, што точно гори и дали има опасност за луѓе или објекти.
Што да пратите кога има пожар во поле?
Веднаш излезете на безбедно и тргнете се од насоката на движење на огнот и чадот. Не се обидувајте сами да го гасите голем пожар, особено ако дува силен ветар. Предупредете ги другите луѓе во близина, земјоделци или жители од соседните куќи. Пријавете ја точната локација со поблиски препознатливи белези или пат.
Мерки за претпазливост
Избегнувајте палење отворен оган или стрништа во периодите со високи температури и суво време. Држете алат или вода во близина ако работите во поле во ризични денови.


















