Македонија е европски вицешампион во параглајдинг, а Ана Бергер е новата европска шампионка во женска конкуренција.
На домашен терен, пред публиката во Крушево, македонската параглајдинг репрезентација стигна до историскиот успех – сребро во екипна конкуренција, додека Бергер го освои европскиот врв во поединечна женска конкуренција.
Европското првенство во параглајдинг се одржа од 8 до 19 август во Крушево, со учество на 130 пилоти од 30 земји. Словенија го освои златниот медал во екипна конкуренција, Македонија заврши на второто место, додека бронзата ѝ припадна на Шпанија.

Патот до европското сребро Македонија го започна првенството од деветтото место, но со секоја нова трка постепено напредуваше на табелата. На седмиот натпреварувачки ден тимот се искачи на третата позиција, а клучниот чекор кон среброто беше направен на 18 август, кога македонските пилоти успеаја да ја надлетаат Шпанија и да се искачат на второто место.
Домашниот тим на ова Европско првенство во своите редови ги има пилоти кои се позиционирани меѓу најдобрите во светот: Мартин Јованоски и Дарко Станковски се дел од светскиот топ 10, што е исклучително значаен резултат за мала земја со релативно кратка традиција во споредба со големите параглајдинг нации.
Покрај нив, македонскиот состав го сочинуваат и Глигор Зафиров, Ѓорѓи Ристовски, Благоја Грозданоски, Александар Гацевски и Ана Бергер.
Единствената девојка од македонскиот тим Ана Бергер беше највредна – освои ЗЛАТО за Македонија!




















