Ракометарките на „Гевгелија Југ“ со победа го завршија есенскиот дел од сезоната во Првата лига. Во дуелот од 10 коло, гевгеличанки славеа против Струга со 38-31 и ја потврдија втората позиција на табелата.
Во пресметката на двата нови тимови во прволигашката конкуренција, одиграна во спортската сала „26 Април“, домашниот состав уште во првото полувреме ја најави победата. На паузата Гевгелија Југ имаше предност од 19-11, која ја задржа и во продолжението за конечни 38-31.
Со овој триумф, Гевгелија Југ го заокружи првиот дел од сезоната на второто место, веднаш зад лидерот „Овче Поле СУ“, но и му одмазди на составот на Струга за единствениот пораз досега.
Нина Попова беше најефикасна во победничкиот тим со 12 погодоци, Елена Димова постигна десет, а Нина Милевска додаде осум. Во гостинскиот состав, Емилија Атанаскоска се истакна со десет гола.

По овој успешен старт на сезоната на гевгелиските ракометарки, претседателката на клубот Елма Попова за GevgelijaNet изјави:
- „Второ место во Првата женска ракометна Лига по долго време на стагнација на женскиот ракомет во Гевгелија е наградата за девојките кои напорно работеа секој ден, трениравме, дававме максимален максимум и девојките и тренерот, за да ги доведеме на едно завидно ниво кое го заслужуваат.
Оваа година мој императив како претседател на клубот беше да ги вратам во клубот сите девојки ракометарки од Гевгелија кои од некои причини ги закачиле патиките на клин. Мислам дека делумно успеавме во тоа. Сите девојки кои се во состав на „Гевгелија Југ“ се повратнички во клубот, освен Нина Милевска која доаѓа од ракометната школа на ЖРК „Вардар“.
Повратнички во клубот се: Јасмина Попова, Нина Попова (репрезентативка на Македонија), Елена Димова и Данијела Каранфиловска“ – изјави претседателката на клубот Елма Попова.
Таа ги пофали сите девојки за својата заложба на тренинзите и на терен.
- „Овој резултат не е случаен. Ние работиме тренираме секој ден, се даваме максимално за женскиот ракомет во Гевгелија да биде гордост еден ден на сите кои го сакаат спортот“, ги пофали Попова девојките и тренерот на тимот Перо Минев.

Честитките за освоеното ВИЦЕШАМПИОНСКО место одат на адреса на девојките кои го сочинуваат ЖРК „Гевгелија Југ“, а то се: Кристина Ристова, Нина Милевска, Мелита Бурмузовска, Јасмина Попова, Јована Горгиева, Ружица Кирова, Симона Динева, Елена Димова, Нина Попова, Анастасија Горговска, Даниела Каранфиловска, Елена Тасевска, Кузманова Драгана, Марија Стојковска, Билјана Кадиева, Верица Шуклева.
Ќе ги додадеме и пионерките Мартина Апостолова, Росана Проданова и Марија Митрова кои до година треба да го загреат теренот со игра во натпреварувачките дуели на лигата.
Честитки за ракометните Вицешампионки од Гевгелија и стручниот штаб кој за една сезона ги осоколи да се искачат на Второто место на табелата на Првата Лига од РФМ.



















