Во спомен на легендата на уметничкото творештво, ДИМИТАР ГАСПАР (1938-2022) ликовен уметник од Гевгелија кој вчера беше испратен во вечните почивалишта во неговата Гевгелија.
Ова е последното интервју со него дадено за GevgelijaNet, пред речиси 10 години снимено при посета на неговото уметничко атеље во Гевгелија.
– „Внатрешните звуци на неговата невидлива духовна реалност, со говорот на сликарската потсвест создаваат систем од симболи преку чија алхемија Гаспаров сака да кореспондира со универзумот, предочувајќи ги најискрените значења на човековото битие…..“ – напишал професорот по литература Илија Карајанов за гевгелискиот академски сликар Димитар Гаспар во каталогот на уметнички изложби во организација на Фондацијата Аполонија.
Секогаш ведар и полн со оптимизам, иако не му се непознати и другите страни што ги носи секојдневието, не дочека со насмевка и не втурна во една чувствителна, полна со симболи, многу знаење, многу пораки соба на животот – сликарското атеље каде симболите , боите, платното и цртежите добиваат живот и своја порака до публиката и консументите.
Ја сакаше позитивната страна на животот, затоа уживаше во разговорот и експликацијата на неговиот ликовен опус собран во 68 годишно уметничко творештво. Беше великан на својот занает, со посебен стил на рељефно-колажно-графичко изразување. Затоа ќе остане незаборавен преку неговите дела кои останаа да ги красат јавните простори, деловните канцеларии, домовите на голем број гевгеличани, македонци и граѓани од светот, со потписот Di Gaspar.