Јавно Претпријатие за државни патишта денеска започна со подготвителните работи за рехабилитација на клучката кај Прдејци.
Од утрово во 05:30 часот започна гребењето на стариот асфалт и неговото дислоцирање. Потоа ќе следува поставување на нов асфалтен слој.
Целата инвестиција чини 22.560.000 денари. Ќе се асфалтира потегот од клучката кај Прдејци со автопатот „„Пријателство“ до влезот на фабриката „Випро““. Оваа делница е долга 860 метри и треба да биде завршена за следните четири-пет денови.
На помош е и механизацијата на ЈП „Македонија пат“ за да се завршат работите побрзо.
Поради горештините, се почитуваат мерките на Владата за забрана за работа на отворено сонце од 11 до 17 часот, така што работите за денеска завршија, ќе се продолжи со градежните зафати утре наутро.
Инаку, Јавно Претпријатие за државни патишта програмски реализира проекти за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување на автопатишта, магистрални и регионални патишта, а конкретно со заем од Светска банка и Европска банка имплементира проекти за рехабилитација и подобрување на локалната патна мрежа во сите општини на територијата на Република Северна Македонија. Моментално работи на рехабилитеција на 84 километри патна мрежа на шест делници, со средства од ЕБОР