Го сака трчањето, поминатите километри со темпото на своите нозе зад себе, планинските ултра патеки кои ги искачува во трк, висините кои и’ покажуваат до каде е нејзината телесна и физичка издржливост – Валентина Узунова, ултра маратонката од Богданци, член на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија.
Валентина беше учесник на првата „PUNKS BACKYARD ULTRA“, ултра трка во Македонија што се одржа декември годинава во Гевгелија, на патеките од Негорските минерални Бањи. Од шестчлениот тим маратонци на АК „7 Ноември“ таа беше единствениот женски учесник и успеа да истрча 10 круга, односно 67 километри.
На трката се пријавија 70 учесници, ултра маратонци од Словачка, Грција, Косово, Полска, Украина, Србија и Македонија. Генерацискиот распон на учесниците беше од 24 годишни момчиња и девојки до 62 годишни тркачи. Валентина припаѓа во категоријата на 50+ годишњаците и овде беше беспрекорно ПРВА.
GevgelijaNet: Ова е ново маратонско искуство за атлетичарите од Македонија, за прв пат кај нас се организираше ваква ултра маратонска трка, да се остане активен на стазата за трчање до последниот спортски атом во телото. Како го доживеавте ова ново спортско искуство?
Валентина Узунова: – „Како прва трка од ваков тип сум задоволна. Потребна е физичка но и ментална подготовка, бидејќи рутински се трча иста патека повеќе пати. Треба со бавно темпо да нема многу пауза помеѓу стартот на новиот круг. Јас на патеката трчав вкупно 465 минути, или 7 часа и 45 минути. Првите 7 круга ги трчав по 45 минути, последните три круга по 50 минути. Наредната година ќе настапиме спремни….човек се учи додека е жив….моја поука од трката“ – вели Валентина.
GevgelijaNet: Стартувавте во 10 часот претпладне, со спортски одобрените паузи и времето поминато во трчање вас ве затече ноќта на патеките. Како издржавте со темпото на трчање од утро до мрак?
Валентина Узунова: – „Во врска со трчањето од утро до мрак не ми беше тешко поради бавното темпо, друштво од маратонците, додека трчавме си правевме муабет…..имам и искуство од други трки со должина од повеќе 60км.
Инаку за ноќно време, тренинзите ги правам навечер со челна ламба, преку ден на работа па домашните обврски.
Искрено уживав додека трчав, откако падна температурата преовлада студот и се откажав….добив плус искуство за ваков вид на трка со издржливост“.
GevgelijaNet: Можеше ли да го започнеш и 11-от круг? Колку да ја влезеш во втората декада од твојата тркачка маратонска ултра траса. Што те натера да прекинеш со 10-от истрчан круг?
Валентина Узунова: – „Можев да го почнам и 11 круг, имав кондиција….психички бев спрема да истрчам 10 круга и постигнав“ – задоволно објаснува Валентина, која се пријавила на ултра трката со зацртана цел пред себе и ја постигнала.
Валентина Узунова е родена 1966 година. Има 57 години, а е спортски активна, маратонски „меле“ со успесите во својата категорија жени 50+ и на локално и на државно ниво. На ултра маратонот „PUNKS BACKYARD ULTRA“ во Гевгелија на тркачката траса ги претрка и помладите учеснички од себе: Софија Панковска (55 годишна, родена 1968 год.) која истрча само 4 круга, или 26,8 км, па и нејзиниот сопруг Трајче (1961г.) кои истрча исто 4 круга.
Маратонската примадона од Богданци и гевгелиски АК 7 Ноември“ со своите 57 години на Ултра маратонот во Гевгелија беше подобра од помладите женски учеснички: Uta Ibrahimi 6 yards – 40.2 km, Katerina NIkolovska 5 yards – 33.5 km (родена 1989), Sofija Pankovska 4 yards – 26.8 km (родена 1968 г.).
Валентина ги остави зад себе и своите атлетски другари од АК „7 Ноември“ кои ја завршија трката со 9 односно 8 истрчани круга на патеката: Darko Prosevski 9 yards – 60.3 km, Marjan Turturov 9 yards – 60.3 km, Stanislav Stoimenov 8 yards – 53.6 km (официјални резултати од организаторот).
GevgelijaNet: Како пасиониран спортист, маратонец, може да кажеме дека секоја недела сте присутна на некоја трка во Македонија, или во регионот. Завидни се вашите настапи и во зимски услови и на планински терени. Пред неко време ни’ изјавивте дека имате животна желба да истрчате 100 километри. На ултра трката во Гевгелија истрчавте 67 километри. Се приближувате ли до остварувањето на желбатa?
Валенита Узунoва: – „Оваа година веќе имам пријавено три трки над 60 км, догодина се спремам за 100 км. Да дополнам дека оваа година 5 месеци не можев да трчам ниту 200 метри. Тренирав со одење, бев болна…како последица од прележаната корона….со трчањето почнав од септември годинава.
Трките на кои се подготвувам да настапам се пријавени за 2024 година, а 2025 година одам 100 километри.
GevgelijaNet: За ваква храбра најава, пред една година дека сакате да истрчате 100 км, а после две години дека сте најавиле трка на 100 километри, иако годините одат на Вашите плеќи, мора потстрекот да сте го добиле од Вашето остварување и чувство на издржливост, способност на одржаниот маратон „PUNKS BACKYARD ULTRA “ во Гевгелија и Вашиот пласман на 13-то место од вкупно 70 учесници од 6 европски земји.
Како го оценувате севкупно првиот одржан ултра маратон во Гевгелија?
Валентина Узунова: – „Трката беше многу добро организирана, имавме шатор за паузата, храна, се’ што е потребно за нас учесниците.
Странските атлетичари трчаа со тактика, не брзаа беа со искуство…..учесниците од тимот на Гевгелија се докажаа добро дека можат да победат меѓународна конкуренција ….доказ е Влатко Семенаков, (имаше неколку члена од клубот кои го бодреа и помагаа околу припрема за наредниот круг, мислам дека поради тоа тој толку постигна , заради огромната морална поддршка).
Трката беше за себенадминување. Имаше добар концепт на трка, тешка ментална и муабети за време на трчање. Наредната година очекувам и се надевам на поголема бројност од членовите на АК „7 Ноември“ Гевгелија и поголеми себенадминувања.
GevgelijaNet: Останувате пропознатливи по тоа што секоја Ваша трка ја посветувате за поддршка на болните од Пулмонална хипертензија и го развиорувате знамето со логото – двете белодробни крила. Иако инспирацијата Ви беше борбата за здив на гевгеличанката Ѓургица Ќаева, која ја имаше ова дијагноза и предвреме замина како последица на болеста, Вие не отстапувате од видливоста на овој здравствен проблем за пациентите со ретката болест ПХ.
Валентина Узунова:- „Ѓургица секогаш ми викаше ,,Вале не си свесна колку си среќна што си здрава,“. Ова треба да го сватат младите да не постои завист, само среќа“ – одговорi кратко Вале, докажувајќи дека алтруистите не се расфрлаат со зборови, туку со дела.
За маратонката која со годините станува уште поуспешна, уште поспремна, која трча за АК „7 Ноември“ Гевгелија, за ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија, ги брани атлетските бои на Македонија на спортски настани во странство, Грција, Србија, БиХ, за богданчанката космополит, за Валентина Узунова ќе навиваме уште, зошто таа не се откажува од трчањето, од своите рекорди, од посакуваната 100-ка!
Валентина е женски пример на издржливост, фокусираност кон целта, кон здравиот живот, жена од нашето соседство која зрачи со другарство, грижа, емпатија и алтруизам.
Жена – спортист за 2023 година, за Гевгелија, за југот на Македонија!