После 50 години извршена е целосна реконструкција на Хроничното одделение при Јавната општинска установа „Психијатриска болница Негорци“ Гевгелија со капацитет од 40 легла, наменети за болнички третман на најтешката форма на пациенти со ментални болести.
Овој објект е изграден 1974 година и до сега претрпел помали поправки, проширувања, варосувања, но од ноември минатата година започна целосната реконструкција на собите, подот, тоалетите, кровната конструкција, нова фасада, целосно нова изведба на водоводната и електричната инсталација, нова столарија, нов мебел и медицински душеци.

Инвестиција тежи 16.200.000 денари и со неа е опфатена реконструкцијата на целата површина на „Хроничното одделение“ од 550 м2 и тоа сопствени средства од Буџетот на Психијатриска болница “Негорци” во Гевгелија.
После петмесечна работа денеска беа пуштени во употреба новореконструираните простории на објектот во присуство на Министерот за здравство Азир Алиу, директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски, градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, пратеничката во Собранието на РСМ Ангелина Петкова, како и претставници на јавни институции на локално ниво.

За значењето на инвестицијата во сферата на здравството зборуваа м-р Сашко Стојиловски, директор на ПБ Негорци, директорот на ФЗО Клековски и Министерот Алиу кој упати честитки за инвестицијата и резултатот од реконструкцијата, посочувајќи ја Болницата во Негорци како пример за добро раководење и менаџирање со ресурсите.
Освен подобрените услови за престој и третман на пациентите реконструкцијата овозможи и подобрени услови за работа на лекарите, медицинскиот тим и болничкиот персонал, како и модерни услови за престој во занимални, современо опремениот двор и пријатно зеленило во целото опкружување на Болницата. Новите реконструирани простории и услови за работа во хроничното „Д“ одделение ги пофалија и пензионираните доктори психијатри кои присуствуваа на свечениот чин денеска во ПБ „Негорци“.





















