На Денот на Сесловенските просветители и создатели на нашата азбука, Светите браќа Кирил и Методиј во Гевгелија главните чествувања се одржаа во организација на црквата што го носи името на Светите браќа Солунски, црквата „Св.Кирил и Методиј“ во Гевгелија.
Програмата изобилуваше со торжествени почести, се одржа Света Божествена Литургија, Акатист со петолебие, Празнична Литија низ улиците на Гевгелија, а потоа културно-уметничка програма во која учество зедоа локални изведувачи: Боркица Мурџева, Хор „Владо Кантарџиев“, Детска танцова група, „Распеани Гевгеличани“ и ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија.

Св. Кирил и Св. Методиј Солунски се родени браќа од Солун, од угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија.
Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивното дело ги описменило словенските народи.
Македонските браќа од Солун во IX век станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Велика Моравија и Панонија. Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик. По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените.

Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите. Во 1880 г., Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980 г., Јован Павле II ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.
Денешната празнична програма ја проследија бројни граѓани кои ја посетија црквата „Св.Кирил и Методиј“ во Гевгелија, а свечената ложа ја имаа членовите на Гевгелиското Архиерејско Намесништво и бројни гости, следбеници на верата, културата и традициите.

Честит нека е Денот на Македонската и Сесловенската писменост и култура!
Фото: ГАН – Димитар Мијов


















