На 61-годишна возраст почина Милан Завков, маестрото на хармониката, но и автор на повеќе од 150 новосоздадени народни песни.
Завков хармоника започнал да свири кога имал 8 години. Првиот обид го имал на 14 години, кога бил дел од оркестарот на Ѓорѓи Димчевски во ансамблот „Млад Танец“. Во раните години, Завков свирел во КУД „Мирче Ацев“. Во времето кога се запишал на студии, немало отсек за хармоника. Така, тој дипломирал на музичката академија во Скопје, а главен инструмент му бил контрабас. Со октетот „Македонија“ ја снимил својата прва плоча, во 1970 година со четири ора.
Работел заедно со саксофонистот Ферус Мустафов, и бил долгогодишен член на групата „Македонски мерак“, а подоцна и на дел од ансамблот „Танец“ како симбол на македонскиот традиционален фолклор. Автор е на голем број песни.
На сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.
Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
Од 2000-та година Милан Завков е вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни “Танец”, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.
Почивај во мир маестро!