Директорот на ЕВН Електродистрибуција, Сашо Салтировски информираше дека до крајот на декември сите достапни броила на ЕВН ќе бидат сетирани за евтина дневна тарифа. Дел од броилата се т. н. смарт броила и тие ќе бидат сменети преку ноќ и веќе од 1 декември околу 200.000 корисници ќе имаат евтина струја.
Салтировски ги замоли граѓаните да им бидат достапни броилата, за како што рече, да можат нивните читачи да ги прочитаат, бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата.
– „Сите оние броила што ќе бидат достапни ќе бидат сетирани во текот на декември, а колку вкупно броила ќе бидат сетирани ќе зависи од достапноста на броилата. Во викенд куќи не можеме да се сетира броилото ако куќата е затворена. Ако луѓето се на работа, а не се дома, а броилото е внатре не можеме да го сетираме. Во Арачиново броилата се надвор и таму со сигурност ќе бидат сетирани затоа што во изминатиов период тој проект е завршен, појасни Салтировски.
Министерот за економија Крешник Бектеши потсети дека одлуката за воведување на евтина дневна тарифа на електричната енергија ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) кое е независно тело.
– „Воведувањето на дневна евтина тарифа е поврзано со производството, со капацитетот на ЕСМ за да произведува струја во тие пикови. Согласно анализите кои се направени одлучивме сите заедно евтина дневна тарифа да биде воведена на 1 декември, изјави Бектеши и ги повика граѓаните кои сакаат да имаат евтина дневна тарифа од 1 декември да им дозволат пристап на службите на ЕВН до броилата за да можат да интервенираат“.
И директорот на Бирото за метрологија, Авдуљ Сељам Селами рече дека во моментов се врши верификација на електричните броила и по констатација дека грешките се во граница на максимална точност се става жиг дека се проверени. Тој ги повика сите граѓани кои се сомневаат за точност на електричните броила да се обратат во Бирото.