– „Започнуваме со целосна санација на колекторскиот систем во општина Дојран и изградба на нова, модерна пречистителна станица. Решаваме децениски проблем, обезбедуваме максимална заштита на Дојранското езеро како споменик на природата.
За прв пат по повеќе од 30-тина години, оваа Влада вложува во системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води во Дојран.
Вредноста на проектот е 3,5 милиони евра, пари обезбедени од централниот Буџет и донација од Словенија“ – ова денеска го изјави Премиерот на РСМ Димитар Ковачевски на денешниот настан со кој беше најавен стартот на Проектот за заштита на Дојранското езеро и комуналното-еко решение во Дојран.
Организатор и домаќин на настанот беше општина Дојран. Локалната самоуправа конечно влегува во реализационата траса со официјално означување на стартот на реконструкција на колекторскиот систем и изградбата на нова пречистителна станица.
Во присуство на Премиерот на Р. С.Македонија, Амбасадорот на Р. Словенија во нашата држава, високи владини претставници, новинари и сограѓани накратко беше елабориран процесот, односно патот од аплицирањето за добивање на средства од Владата на Република Северна Македонија и Амбасадата на Р. Словенија до изготвувањето на комплетна документација и се разбира, до ден денешен – односно стартот на изградба на толку потребните, од витално значење за нашиот Дојран, колекторски систем и пречистителна станица.
Грегор Прескер, амбасадор на Република Словенија во Дојран истакна дека Македонија е важен меѓународен партнер за Словенија и до сега има добиено 37 милиони евра помош од Р.Словенија за нашата земја.
– „Со гордост можеме да кажеме дека трудот и упорноста се исплатија, со овој потфат решаваме горлив проблем кој со децении се провлекува во општина Дојран.
Среќни сме и благодарни што имаме добри пријатели, партнери и поддржувачи и што и тие самите ја увидоа важноста да се инвестира во колекторски систем и пречистителна станица, воедно и две мини пречистителни станици во с.Фурка и с. Црничани, како и целосна канализациона мрежа во с. Црничани. Со оваа инвестиција, ние всушност вложуваме во здравјето на граѓаните, во иднината на нашите деца, вложуваме во добросостојбата на езерото и целокупниот еко – систем. Вложуваме во иднината! – изјави по повод настанот градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.
Продолжуваме да инвестираме во нови и санација на постојни водоводни и канализациони мрежи низ целата држава, нагласи на настанот премиерот Ковачевски.
Се грижиме за животната средина, се грижиме за здравјето на граѓаните, додаде тој.