Невремето со силен дожд, ветер и град вчера предизвика големи штети на земјоделските површини и пластениците во селата Муртино, Еднокуќево и Босилово.
Најголеми штети претрпеа земјоделците од струмичкото село Муртино, каде има уништени посеви, целосно поплавени ниви и пластеници.
Поројниот дожд и силниот ветер соборија дрвја и уништија насади на големи површини. невремето остави зад себе испокинати полиетиленски платна, свиени шипки, уништени посеви со пиперката куртовска капија. Цело поле е со уништени пластеници, а земјоделците по кал работеа да ги приспособат и заштитат засеаните површини.
– „Тоа беше страшно. Ветрот корнеше. Сите 25 фолии засеани со црвена пиперка на околу половина хектар отидоа во неповрат. Штетите се огромни. Нема нива без оштетен пластеник. Не сум убеден дека ќе спасиме нешто од засеаните пиперки, но мора да се обидеме“, вели земјоделец за СДК, Панчо Крстев од Муртино.
Земјоделците бараат помош од државата. Велат итно да излезе на терен општинската комисија и да изврши проценка на штетите, оти освен по пластениците штети има и на посевите.
Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов ги повика земјоделците од понеделник да ги пријавуваат штетите.
- „Обилните врнежи предизвикаа сериозни штети во Муртино. Како Општина веднаш формиравме Комисија за проценка и ги повикуваме засегнатите жители и земјоделци од понеделник да ги пријават штетите во општинската зграда“, напиша Костадинов на својот фејсбук профил и ја повика Владата за 100 процентно обештетување, оти помалку ќе биде само навреда на земјоделците од Муртино.
И градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, информираше дека штети се евидентирани во селата Еднокуќево и Босилово.

Вчерашното невреме што го најави и УХМР дивееше од запад кон југоисток на државата, ги зафати, Гостивар, Тетово, Прилеп, Штип. Струмица…. Гевгелија куртули.