По повод 26 септември, Светскиот ден на чисти планини ги посетивме членовите на најстарото гевгелиско планинарско друштво, ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија, кои со децении ги искачуваат планините, но и се грижат за уредувањето на планинските патеки, планинските домови, за пошумување на голините низ нашата Гевгелија, за одржување на здрава еколошка свест и спортски поттик за планинарење.
Планинарскиот спортски клуб „Кожуф“ годинава одбележува 73 години од своето основање во далечната 1952. Низ него заминале многу посветени љубители на висините и планините, а ние одбравме да разговараме со најстарите, најискусните, тие што носат најмногу сеќавања за тоа како се сака природата, сега и со децении наназад.
GevgelijaNET: Генерациски Вашиот клуб се истакнува со тоа што има членови од 5 до 75 години и сите се подеднакво активни во вашите планинарски акции. На што се должи тој елан и „повик“ кон планината?
Љубица Карајкова: Со физичкиот напор јас си го најдов психичкиот мир. Ова е чиста вистина, не е парола. Кога ми беше најтешко во животот ми велеа „пиј лексилиум“ да ја смириш болката. Јас не сакав. Со ранецот тргнав на планина и тоа беше мојот лек – планината. И сега е мој лек, секој викенд сум на планината, присутна и активна на акциите од ЗПСК „Кожуф“.

GevgelijaNET: Каква е возрасната и полова структура на Вашиот клуб? Дали подеднакво се присутни и мажите и жените, децата и возрасните? Дали на сите подеднакво им погодува активноста на планина?
Магдалена Јованова: Нашиот планинарски клуб брои 134 регистрирани членови од кои 100 се возрасни, а 18 се деца под 18 годишна возраст. Од полнолтните членови 47 се жени, а 53 мажи, што би се рекло дека се подеднакво застапени и двата пола. На акциите учествуваат и младите и возрасните. Ја воведовме акцијата „Родители и деца“ која се огранизира веќе по 7-ми пат со намера да ја промовиваме убавината на природата и планината и да регрутираме нови приврзаници на планинарскиот спорт. Последната акција ни беше полн погодок, со присуство на 180 членови, планинари и гости, со учество на 120 деца. Такви акции имаме намера да организираме и понатаму, бидејќи се со радост прифатени од децата и од нивните родители. Тоа е убав ден во природа, без телефони, на чист воздух, со многу игри кои ги подготвуваме за анимација на децата во природниот простор.

GevgelijaNET: Што ќе речете за Вашата традиција која опстојува како планинарска пасија веќе 73 години, почнувајќи од основачите на планинарското друштво, до денешни денови кога ги кршите бариерите на половата застапеност во планинарството како спорт, но и возрасните граници на планинарењето? Најголем број на ветерани среќаваме токму во планинарењето видливо од вашите фото албуми низ акциите кои ги спроведување и споделувате со јавноста.
Милена Карагонова: Јас сум 27 години активна во ЗПСК „Кожуф“. Задоволство ми е што ја споделувам спортската историја на овој клуб кој е прв носител на Седмоноемвриска награда за општина Гевгелија во 1999 година. Нашето планинарско друштво беше првиот спортски клуб кој ја доби највисоката награда на Општината за заслуги во спортот и популаризација на планинарството, а ни’ беше доделена и парична награда заедно со „7-мо Ноемвриската“ награда. Што значи бев сведок на тој настан.
Во 2014 година ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија беше прогласено за најактивно планинарско друштво во Македонија од страна на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Следната 2015 година бевме прогласени меѓу трите најдобри планинарски друштва во државата, а во 2023 ни беше доделено ПРИЗНАНИЕ за најактивно планинарско друштво со особен придонес во популаризација на планинарскиот спорт, што ни ја додели Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Нашиот клуб ЗПСК „Кожуф“ е член на Балканската планинарска Федерација која се формираше 1999-2000 година од планинарски друштва од земјите од Балканот и во 2009 година Гевгелија и „Кожуф“ беа домаќини на „Балканските планинарски средби“ каде пречекавме преку 100-на гости планинари од БиХ, Црна Гора, Србија, Хрватска …
Со нашите активности се обидуваме да ја запознаеме и младата генерација за придобивките од престој во природа и правиме едукативни средби со децата во основните училишта и организираме мини планинарски тури за нив, до Серменин, до Ума, за да ја запознаат планината и природата.
Исто така организатори сме заедно со Фондацијата „Ице Бегов“ на првата инклузивна акција во природа со лицата со попреченост кои го посетуваат нашиот планинарски дом „Томе Шутов Кротки“ и овде организираме активности за нив, прошетки во природа, натпреварувачки игри.
Се’ на се’ се трудиме да ја пренесеме убавината на планината и природата на младите кои треба да бидат нови следбеници на планинарството, или доволно е да ја засакат природата и да се грижат за неа.

GevgelijaNET: Многу активности, многу одговори, сите имаат некои сеќавања и удел во остварувањата на Вашиот планинарски клуб. Ова значи дека не можеме да ги препишеме годините на растеж на ЗПСК „Кожуф“ на едно лице, на еден претседател, на еден Извршен одбор. Како да нема хиерархија, туку само акција и тоа здружено, без приговор!?
Насе Димков: Сите акции се дело на цел еден тим, не еден, не двајца туку тим од планинари кои се вклучуваат самостојно во организационите подготовки на нашите акции. Планинарењето го подигнавме на повисоко ниво со остварување на соработка со други планинарски друштва од државата и странство, со изведување на заеднички акции со што се шири пријателството, другарството. Всушност, планината е другарство.
Јас сум активен во планинарството од 1995 година како студент се искачив на Кораб со 8-члена екипа студенти, а мојата прва акција на Кожуф беше во 1997 година, со учество на првата акција „Маршот на Ума“ која остана традиционална во календарот на ПД „Кожуф“. Како претседател на клубот „Кожуф“ се трудев да функционираме здружено, ненаметливо и ефикасно. Денес кога на претседателската позиција е Магдалена задоволен сум што таа донесе нова свежина со проактивен настап на социјалните мрежи и видливост на нашите активности и пошироко, не само во Гевгелија.
Задоволен сум и од активноста на женскиот дел од членството кои секогаш самоиницијативно ги завршуваат подготвителните и организациони работи на клубот во текот на нашите акции не чекајќи од никого наредба. Се’ е завршено, пред да се сетиме дека некои работи треба да се доделат на одговорност некому. Затоа, после акциите нашите другарства траат и како луѓе, не само со поздрав на улица, туку и со дружења фамилијарно. Така се создаваат трајни пријателства и почит.

GevgelijaNET: Во Вашето друштво е и ветеранка на планинарството која својата пасија кон планините успешно ја пренесува на две генерации од потомството, на својот син и неговите синови. Значи таквата улога на пренесување на љубовта кон планината и природата не ја спроведувате само преку акцијата „Родители и деца“ туку ја имате вољата на една членка која тоа го прави од љубов кон своето потомство, сакајќи да им го всади највредното нешто во животот, а тоа е планината која не’ храни со кислород, од која извираат реките, која ни’ дава енергија за живот. Има ли вистина во сето тоа Вита?
Вита Мандалова: Јас се потрудив вољата кон природата да ја пренесам на мојот поголем внук. Јован на свои 6 години го искачи врвот „Зелен брег“ (2.172 мнв) учествувајќи на меморијалот „Димитар Кангов – Кангата“, а годинава како 7 годишник го искачи врвот „Кораб“ (2.764 мнв) и беше најмал учесник на акцијата и најмалиот планинар на ЗПСК „Кожуф“ кој се искачил на највисокиот врв на Македонија, Кораб.
Со децении сум учесник на акциите на ПД „Кожуф“, витална со здравјето и таквиот позитивен однос се трудам да го пренесам и на помладите генерации.

Имаше уште многу што за зборување: за акциите на пошумување кои ги изведуваат планинарите, на грижата за обележување на планинарските патеки, на соработката со спортските друштва од Гевгелија, со Црвениот крст, со Фондацијата „Ице бегов“ … Секаде каде треба помош, доброволна акција, доброволно дарување крв, доброволни хуманитарни акции тука се членовите на ЗПСК „Кожуф“.
Спаска Џинева: Со организирање на Хуманитарниот новогодишен базар и изработка на украси со шишарки, желади и други плодови од природата собравме средства, дополнета со донации од локални фирми и Фондацијата Ице Бегов“, сите заедно успеавме да опремиме тоалет во нашиот планинарски дом за лицата со посебни потреби, односно за инвалидизираните лица. Со таквиот ангажман успеавме да изведеме веќе три акции на престој во планина со членовите на ЗГ „Мобилност“ од Гевгелија. Тоа е грижа за другите од заедницата и несебична помош и тие кои имаат урбани бариери за движење, да немаат хигиенски бариери за престој во природа во нашиот планинарски дом „Томе Шутов Кротки“. Тоа не прави горди што успеавме да ги расположиме и овие наши сограѓани со убавата глетка во природа, чистиот воздух и дружењто кое донесе многу смеа и радост.

Со такви мисли на смеа, радост, заедништво, покана за наш престој на некоја од акциите на ЗПСК „Кожуф“ ја завршивме средбата и им посакавме да ги држи ентузијазмот уште многу, многу години, покрај вакви „тешкаши“ по планинарски стаж во планинарењето, љубовта кон планината, луѓето и грижата кон природата.
„Се гледаме на врвот!“- ни’ посака Насе.
А, Вие не чекајте покана, придружете се на следната акција со планинарите на „Кожуф“ ќе имате нова приказна за раскажување во друштвото, за тоа „како планината маѓепсува“ и кога еднаш ќе ја засакаш не може да ја заборавиш!




Автор: Јованка Дојранлиева




















