Дваесетдневната предизборна кампања за Локалните избори 2025 започнува денеска 29 септември и ќе трае до 17-ти октомври.
Насмеани ликови на билборди, изборни слогани, повици за победа, средби со граѓани, политички претставувања, партиски митинзи… Во наредните денови ова ќе биде доминантна атмосфера во 80 општини и Градот Скопје во пресрет на локалните избори на 19-ти октомври, за кои кампањата денеска (29.09) и официјално започна. Резултатите од испитувања на јавното мислење може да се објавуваат најдоцна пет дена пред изборите, на 13- ти октомври до 24 часот.
Граѓаните и немаат впечаток дека стартот е сега, со оглед дека кампањата неформално започна многу порано, особено на социјалните мрежи.
Понудата квантитативно е богата, дали и квалитативно? Во трката за 80 општини и градот Скопје има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 577 кандидатски листи за членови на општинските совети. Бројот на кандидати за градоначалник за Град Скопје е 16. На oсмите локални избори од независноста на државата, право на глас имаат вкупно 1.832.415 избирачи, од кои 112 илјади се запишани во посебниот избирачки список како лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство. Со оглед дека за локалните избори не се организира гласање во дијаспората, тие ќе можат да го остварат своето право ако дојдат да гласаат во земјата.

Во општина Гевгелија во Избирачкиот список запишани се 18.821 граѓани со право на глас.
Тие ќе бираат локална самоуправа помеѓу 5-те кандидати за градоначалници и 5-те листи за советници кои бројат 95 граѓани од општината како кандидати за застапување во Советот на Општината.
Гласањето за Локалните избори е на 19 октомври.
До денот на гласањето кандидатите ќе треба да го реализираат најдобриот начин за комуникација со гласачите. Но, оваа кампања засега не се навестува иновативен пристап, различен од досегашниот. Ред митинзи, ред дуели, изборни флаери на кандидатите оставени пред куќни прагови и поштенски сандачиња, се дел од вообичаениот изборен фолклор.
Иако се очекува реториката да се вжештува, граѓаните очекуваат партиите и кандидатите да се воздржат од говор кој стимулира омраза и поделби.




















