Ова полувековна фотографија претставува еден фрагмент од емисија на Македонската Радио Телевизија – Скопје која снимала емисија во Гевгелија за староградската музичка, модна и урбана култура во градот на југот од XX век.
На неа е прикажен дел од првиот состав на ансамблот “Распеани гевгеличани” под водство на музичкиот педагог Александар Попов.
Тука се Родна Данаилова, Васо Попов, Миче Дојранлиев, Ристо Стамков, Ице Дојранлиев… Сите се различна возраст и различни професии, но ги спојува едно – музиката.
На фотографијата е овековечен амбиент од 1973 година при снимањето на емисијата на МРТ -Скопје за ансамблот на староградски песни од Гевгелија. Темата е “свадба”. Уште во дворот со музика и трпеза се дочекуваат сватовите, а горе на чардак стои невестата, Билјана Бакарџиева (тогаш гимназијалка).
Куќата каде што се снима е двокатна староградска градба со балкони и метални огради, а во неа живееја семејството на Љупчо Шарланџиев и Димче Карајанов. Истата е и ден денес вселена со наследниците од семејствата, а се наоѓа во сокакот западно од Основниот суд во Гевгелија, значи строгоградска куќа, во центарот на Гевгелија, карши киното.
Леандрите, трендафилите, хризантемите, шебојот беа дополнителен белег на раскошно уредениот домаќински двор.
Распеани гости свадбари, развеселени домаќини, дружба и песна цели 15 денови додека траеше снимањето. Се снимаше и на други локации во градот, на Вардарски рид, а репертоарот на песните беа стари песни од гевгелиско, серенади, влашки ора, севдалинки. Оркестарот и пејачката група заедно броеја 50-на членови.
Таква беше Гевгелија во минатиот век, таква е Гевгелија и “Распеаните гевгеличани” и денеска, секогаш расположени за дружба и веселба, така што и гостите сниматели од МРТ не сакале да си заминат.
Фото: „Распеани гевгеличани“ 1973 – Другарската магија на југот




















