На патеката во Негорски Бањи кај Гевгелија во сабота 25 октомври ќе се одржи третата традиционална трка на издржливост „ПАНКС БЕКЈАРД УЛТРА“ на која ќе настапат 70 меѓународни ултра тркачи спремни да ја „измерат“ на патеките својата кондиција и издржливост.
Освен Македонија, како домаќин на спортскиот настан, на стартот на трката ќе бидат и тркачи од 9 држави: Србија, Грција, Косово, Бугарија, Германија, Полска и други земји од регионот и Европа.
Настанот веќе се позиционира како еден од позначајните спортски и туристички настани во општината, привлекувајќи атлети од целиот Балкан и пошироко.
ШТО Е БЕКЈАРД УЛТРА?
Форматот на трката е едноставен, но брутално тежок: тркачите трчаат круг од 6,7 километри на секој час, сè додека не остане само еден победник. Нема временско ограничување – трката трае колку што издржуваат учесниците. Лани, победничката истрча 30 кругови, односно 201 километар.

ОЧЕКУВАЊА ЗА РЕКОРДЕН НАСТАН
Организаторите очекуваат еден од најдолгите Бекјард настани досега во Македонија. Тројца учесници се најавија со амбиција да истрчаат меѓу 48 и 50 кругови, што би значело невероjaтни 321-335 километри непрекинато трчање – две полни ноќи и два цели дена!
ПОКАНА ДО ЈАВНОСТА
Граѓаните на Гевгелија и регионот се поканети да дојдат и да го поддржат овој уникатен спортски настан, особено во првите часови на трката (од 10 часот наваму) кога сите 70 учесници ќе бидат активни. Атмосферата на Бекјард Ултрата е исклучителна – ова не е само натпревар, туку празник на човечката издржливост, пријателство и меѓународно другарство.
Јавноста може да присуствува во стартно-целната рамнина во паркот на Негорски Бањи, каде што ќе може да ги следи тркачите на секој старт и финиш на круговите. Исто така, може да се прошета по патеката на трката низ Велотлон паркот и да се бодрат учесниците посредно.

ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА СООБРАЌАЈОТ
Организаторите апелираат до учесниците во сообраќајот да бидат особено внимателни на регионалниот пат Р1102 Негорци – Гевгелија кај клучката за влез во комплексот Негорски Бањи. Тркачите го преминуваат патот двапати во секој круг во текот на целата трка (од сабота 10 часот, потенцијално до понеделник).
На критичната делница ќе бидат поставени сообраќајни знаци за намалување на брзината и стоп сигнализација. Полицијата ќе биде присутна и ќе го регулира сообраќајот за да се обезбеди безбедност на учесниците.
Ве молиме за разбирање, претпазливост и почитување на сообраќајната сигнализација.
НАЦИОНАЛНО ПРВЕНСТВО
Настанот, воедно, е и Национално првенство на Македонија во Бекјард ултра трчање. Најдобриот македонски тркач или тркачка ќе биде прогласен/а за национален шампиони, а првите 15 македонски учесници ќе станат дел од репрезентацијата за меѓународни натпревари.
Панкс Бекјард Ултра е настан што ги надминува спортските рамки – тоа е приказна за човечки граници кои се рушат, за пријателства кои се раѓаат и за духови кои не се кршат.
Гевгелија како домаќин на овој спортски раритет, присутен во светот, а кај нас веќе трета година се организира, ќе има свои учесници на трката, членови на АК „7 Ноември“.




















