Ноемвриските градски трки низ Гевгелија донесоа спортски рекорди, национални рекорди, рекорди на патеката, освоени подиуми од локалните атлетичари на АК „7 Ноември“, но и генерациски раритети.
На трката учествуваше и најмалиот натпреварувач во категоријата „Детска трка“ генерација родени 2019 и помали и овде најмал беше ВЕДРАН КОСТАДИНОВСКИ, малиот херој кој има само три месеци.
На помош на најмалиот тркачки херој на стазата беше мајката Васка Ташева Костадинова која веќе две години по ред учествува на трките „November Run“ во Гевгелија. Минатата година на 10 километри, а годинава како мајка на Ведран му го пружи првото натпреварувачко искуство на својот син на „детската трка“ во Гевгелија.

Се разбира, на детската трка сите се херои кои ќе ја истрчат трасата од 1 километар и добиваат „финишер медали“ за својот успех. Така на три месеци возраст Ведран го освои првиот свој медал во животот. Нека му се множат успесите, нека расте голем, силен, спортски настроен, умен и успешен.

Упорната Васка следниот натпреварувачки ден на „November Run“ учествуваше на трката од 5 километри и трасата ја истрча за време од 34:42 минути, со што го завзеде 154-то место од 311 учеснички жени во меѓународна конкуренција од 14 земји од светот.
Васка е атлетичарка од Струмица, презадоволна е од учеството на трките во Гевгелија. Посакува здравје на сите и на своето чедо и нови гостувања на спортските настани во Гевгелија.
Вака се сака Гевгелија – со насмевка, резултати, медали и нови пријателства!



















