Кинеска државјанка загина, а седуммина нејзини сонародници се повредени, откако утрово се преврте камион со полуприколка на патот Валандово-Дојран. Сите тие како мигранти биле качени на приколката со намера да транзитираат од Србија кон Грција. Несреќата се случила околу четири часот, кога камионот „мерцедес“ со српски регистарски ознаки натоварен со топови хартија изгубил контрола и излетал од патот.
Во извештајот на МВР за настанот се наведува следното:
„На 19.11.2025 околу 04:20 часот во ОВР Гевгелија е пријавено дека на регионалниот пат Валандово – Дојран, товарно возило „Мерцедес“ со полуприколка со српски национални ознаки, управувано од С.М.(52) од Србија, излетало од коловозот. Од здобиените повреди, на местото починало женско лице-мигрант од Кина, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата е дадено за обдукција.
Со повреди се здобиле уште седум лица-мигранти од Кина, кои без знаење на возачот влегле во приколката. Возачот С.М. е задржан во Јавната здравствена установа Гевгелија за укажување помош. Увид на местото на несреќата, во присуство на јавен обвинител, изврши екипа од ОВР Гевгелија.
Во несреќата е повреден возачот, 52-годишен жител од Србија, кој по несреќата дознал дека во камионот се превезувале и мигранти.
Зо извлекување на повредените работеа гевгелиските пожарникари а на помош пристигнаа и ТППЕ Струмица и Пожарна Валандово. На местото на несреќата излегоа екипи на полцијата и јавен обвинител за да ги утврдат причините за превртувањето на камионот.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, а во тек е и истрага за тоа како мигрантите се нашле во приколката и дали станува збор за организирана мрежа за криумчарење луѓе.



















