Најстарото транспортно претпријатие во Гевгелија, некогашен „Трансбалкан“ е основано после ВСВ, во далечната 1957 година со тројца вработени кои имаа на располагање 4 товрни возила со носивост од 12 тони и 4 трактори „Фергусон“. Почетниот елан беше да се врши превоз на земјоделски производи и вршење на основните земјоделски услуги и истиот имаше големи резултати во послевоена Гевгелија.
Новото време по ослободувањето освен елан имаше и потреба од брза обнова на државата и на економски план каде транспортот играше важна улога. Така, од година во година дејноста растеше, „Трансбалкан“ ги зголемуваше своите основни средства, обем на работа и вработен кадар. Во 1960 година транспортното претпријатие набавува уште 8 нови транспортни возила, а бројот на вработените е зголемен на 42. Следната 1961 претпријатието набавува уште 10 нови возила, а бројот на вработените се зголемува на 60 работници. Во 60-те години всушност започнува забрзаниот развој на оваа работна организација.
За 7 години од своето постоење, во 1964 година „Трансбалкан“ има сили со сопствени средства да изгради современа модерна механичка работилница за одржување на своите возила. Во 1967 гради и две бензински заедно со сервисна работилница за поправка на патнички возила. Од транспортна дејност за потребите на земјоделието претпријатието се оформи за дејноста транспорт на патници со модерен автобуски превоз.
Трансбакан во 70-те години изгради паркинг-плац заедно со магацински простор, со што отвори уште една страница на својата дејност. Овде се складираше секаков вид на стока која се подготвуваше да излезе, или влезе во нашата земја, па новата гранка на дејноста на претпријатието овозможи бројот на вработени да порасне до 150 лица.
Но, главната дејност транспортот не се запоставуваше. Во 9174 година набавени се 30 нови товарни возила со поединечна носивост од 26 тони и создадени се уште подобри можности за брз и квалитетен транспорт на стоки.
Патничкиот сообраќај не заостануваше во плановите на претпријатието за развој. Истата 1974 година набавени се 8 нови автобуси кои сообраќаа на релација Гевгелија-Скопје, Гевгелија-Струмица, Гевгелија-Битола и обратно, а беа воведени и нови автобуски линии во општината.

Со изградбата на новата автобуска станица во централното подрачје на Гевгелија, кај некогашниот градски пазар, „Трансбалкан“ ги разреши проблемите на бројните патници кои низа години поради лошите станични услуги се чувствуваа непријатно, изложени на временските услови.
Развојот во минатиот век на ова претпријатие искажано во бројки е осетно видлив: За скоро три децении бројот на вработените во „Трансбалкан“ е зголемен за 10 пати, за 20-на пати е зголемен возниот парк, а осетно е зголемен и прометот во работењето.
ТП „Трансбалкан“ ја испиша развојната историја на Гевгелија во послевоеното време, со можност за брза достава и транспорт на стоки, транспорт на патници, овозможување на динамиката на обновата и развој на Гевгелија и Македонија после ВСВ.
Денеска, големата деловна зграда на влезот од Гевгелија, заедно со модерната работилница, сервисот за патнички возила, одат под баѓерот, се отстранува и последната тула од некогашниот двигател на повоениот развој на Гевгелија. Деловната зграда е со срушени ѕидови, зјае деловен инвентар, фасцикли, регистри…. Се поткопуват темелите на една 65 годишна деловна историја.


АД „Трансбалкан“ спроведе успешна трансформација на капиталот од оштествен во приватен. Денеска ова претпријатие е во приватна сопственост. Новиот претставник на капиталот сигурно има свои планови за растеж кои треба да ги оправда и ефектуира во домашната економија. Ние само бележиме дека после 68 години транспортен растеж, зградата која 59 години го прикажуваше растежот на ова претпријатие и животниот растеж на вработените сега се руши под налетот на багерите и новите економски потреби на претпријатието и урбанистички барања во современиот деловен свет.
Нека е за арно!



















