Андреј Лазарот е 13 годишен ученик во ООУ „Крсте Мисирков“ и член на Кикбокс клубот „Аждер“ од Гевгелија.
Во неделата која измина тој настапи на Државното првенство во кикбокс што се одржа во салата „Јане Сандански“ во Скопје и ја оствари својата прва победа во средба со противник/натпреварувач. Тој настапи во категоријата „Кик лајт“ за возраст од 12 до 14 години и тежина до 57 килограми.
– „Ова беше моја прва борба на официјален натпревар со противник и прва победа. Во мојата категорија 12 до 14 години и тежина до 57 kg настапија 21 натпреварувач. Конкуренцијата беше силна. Јас сум задоволен што ја остварив првата победа на првиот настап од Државното првенство во кикбокс на Македонија“ – вели за своето најново спортско доживување младиот Андреј Лазаров.
– „Задоволен сум што за овие 2-3 години додека тренирам во КБК „Аждер“ тренерот Атанас Стојковски и асистентите Даниел Митров и Дајан Панов ме научија на сила, техника и дисциплина, за настап во борба без страв, без задршка. Голем дел од борците треба да имаат и своја желба за настап во борба зошто борбата може да заврши добро, или да има опасност“ – вели искрено Андреј за првото соочување во борба без страв.
Младиот Андреј тренирал како мал фудбал, а подоцна сам изразил желба за боречките спортови, па се запишал во КБК „Аждер“ каде тренира веќе трета година. Од 9-та своја година е со боксерски ракавици, тренира удари, набива кондиција, учи техника на движење и напад, одбрана. За својот прв настап на Државно првенство во кикбокс се усмерил на почести тренинзи и во клубот и дома со свои тренери, а во тоа целосна поддршка имал од семејството.

Сега се подготвува за настап на Балканско првенство во кикбокс кое годинава треба да се држи во Србија и на Европско првенство кое треба да се одржи во Хрватска.
– „Јас продолжувам да спортувам и да се подготвувам за претстојните натпревари. Им порачувам на сите млади да спортуваат. Така се создава дисциплина, физичка спремност кои се одбри за здравјето на младите и за напредокот во животот. Нека спортуваат, нека одберат кошарка, ракомет, фудбал, кикбокс или што сакаат само да не седат дома затворени со мобилните во раце“ – порача младиот спортист Андреј.
Нема да додадеме ништо на оваа убава искрена порака од младинец за младите!
Среќно Андреј! Среќно на сите новоинспирирани спортисти кои ќе одберат да го следат спортскиот пример на Андреј!




















