Опожарувањето на две возила паркирани на паркинг простор зад маркет „Солун 53“ ул. „7 Ноември“ во Гевгелија вознемири дел од јавноста кои реагираа на социјалните мрежи за можен намерен инцидент.
Редакцијата на GevgelijaNet се обрати до вештото лице кое пристапи вчера на терен да ја утврди состојбата со опожарените автомобили и да изнесе стручно мислење и наод за причината на опожарувањето.
На терен во 10 часот вчера излезе инспектор по заштита и спасување од ДЗС Струмица, Сашо Милчовски кој го констатира следново:
- „ Пожарот на автомобилите не е подметнат. Тоа е од инсталацијата на возилото. Настанало греење внатре во електриката и настанало искрење кое предизвикало пожар. Од опожареното возило поради присуство на ветер, вчера утрото во Гевгелија, се зафатил со оган и соседниот автомобил паркиран близу до опожареното возило“ – ни открива главни поенти од својот вешт наод инспекторот Милчовски.
- „Пожарот си има свој настанок и свој пат. Тоа ние го утврдуваме како инспектори на терен. Пожарот во случајот започнал од возилото марка „Хундаи – И- 30“ со чешки регистарски ознаки, сопственост на гевгеличанец кој работел во Чешка. При горењето на ова возило пожарот се проширил на соседното возило близу паркирано до него, марка „Мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки. Штетата е голема. Ова стои во вештиот наод од мене“ – извести за GevgelijaNet инспекторот Милчовски.


На увид на местото на опожарените возила излезе и екипа на ОВР Гевгелија кои во предметот ги вклучија и изјавите на сопствениците на опожарените автомобили, снимките од камерите и сл. Инспекторот Милчовски вели дека неговиот вешт наод ќе го добие ОВР Гевгелија, кај кој е отворен предмет за случката со опожарувањето. Вештиот наод на инспекторот од ДЗС вели – намерно подметнување во случајот НЕМА УТВРДЕНО.
Пожарот се случи вчера утрото во 03:40 часот на паркинг просторот позади маркет „Солун 53“ на ул. „7 Ноември“ Гевгелија. На интервенција веднаш пристигна тим од ТППЕ Гевгелија и го елиминираа пожарот како и заканата од настанување на поголема материјална штета, завршувајќи со акцијата во 04:40 часот.



















