Три девојчиња – ТРИ НАГРАДИ освоија претставничките од Гевгелија и Богданци на Интернационалниот детски фестивал “Voice of the Stars” што се одржа неделава во Загреб, Хрватска.
Наградите ги понесоа:
🎙 Михаела Крантова – ВТОРО место;
🎙Катерина Петрова – ВТОРА Награда;
🎙 Јована Тасева – ТРЕТА Награда.

Фестивалот се одржа од 28 до 30 март во Загреб, Хрватска, а овде конкуренцијата им беа над 60-на учесници од 10 Европски земји.
Претставничките од Југот на Македонија настапија со светски хитови, песни на Бијонсе и Адел. Ментор на натпреварувачките од Македонија на престижниот фестивал „Voice of the Stars” е музичкиот педагог Маја Зафирова.
– „Впечатокот од натпреварот е позитивен, наидовме на голема конкуренција. Секој настап го оенуваше 5-то члено стручно жири, професори по соло пеење од Хрватска. Организацијата беше на највисоко ниво, се’ се одвиваше по план и програма. Така што севкупниот впечаток заедно со освоените награди дава исполнето чувство на задоволство. Горди сме воедно што солидно ја претставивме Македонија и градовите од кои доаѓаат претставничките од Македонија, Михаела и Катерина од Гевгелија, Јована од Богданци“ – изјави за GevgelijaNet менторката Зафирова.

Успехот е извонреден. Но има ли тајна како ученичките на Маја Зафирова од секој настап се враќаат со награди. Па, затоа прашавме:
– „По што се издвојуваа нашите учеснички? По сериозниот предизвик со изборот на песните, популарните хитови? Како беа примени од публиката?
– „Публиката беше задоволна, слушаа изведби со точна интонација, ритмика, динамика, техника на изведба на песните. Изборот на песните… Сето тоа дава впечаток за уживање и тоа е задоволство кое публиката го награди со аплауз“ – оцени менторката Зафирова.


Учесничките се секако среќни. Дали чувствуваат творечки поттик да го повторат учеството на Фестивалот во Загреб, имаат ли желба да го повторат успехот со освојување на повисока награда на истиот фестивал? – беше нашето следно прашање до менторката.
– „Среќни се, но имаме желба да учествуваме на друг натпревар и друга држава“ – истакна Маја Зафирова.
Толку од славјето и опиеноста од успехот. Наградените девојчиња нема да чекаат фестивал другата година за да настапат во Загреб туку тековната година ќе ја исполнат со други настапи, на други сцени, во други држави. Некаде сигурно ги очекува и победнички пехар после толку сигурност и упорност, дебитанскиот сјај од почетокот да не згасне, туку да продолжи патот кон ѕвездениот успех.
Честитки за наградите од фестивалот „Voice of the Stars” на ѕвездените гласови од Југот! Честитки и за нивната менторка, професорката по музика Маја Зафирова!




















