Орото „Ѓура Мара“ е културно-историско роднокрајно богатство од нашиог крај, од југот, во чистите падини на Миравци, каде убавите моми со црвени образи од здравје и младост го излудиле турскиот достојник и организирал грабнување на селската убавица Мара.
Манифестацијата е фолклорен препев за храброста на брат и’ Ѓуро кој ќинисал по турците со другарите да ја спасува сестрата Мара. Во тешката борба бил смртно ранет од турците, но сепак успеал да ја спаси својата сестра од грабнувачите, од потурчување, од однародување. Мара се враќа во селото, а Ѓуро поѓинува од смртните рани. Во нивна чест орото е наречено „Ѓуро на Мара“, но поради звучност се скратило на сегашниот назив „Ѓура Мара“ по што и целата манифестација го носи ова име.
Погледнете фрагмент од орото кое стана ЛЕГЕНДА. Почнува со песна на момите „Собрале ми се набрале“, и развиорено оро на сред село во Миравци.
Радоста низ годините прераснала и со гости од другите села, а во актуелното модерно време и со настапи на гостински Културно-уметнички друштва од државата и Балканот.
На сцената сред село синоќа пред публиката во Миравци настапија домаќините организатори КУД „Танец“ од Миравци, КУД „Живојин Мичо Мандиќ“ од Кнежеви Виногради, Р.Хрватска, КУД „Браќа Минкови“ од Куклиш, Струмица, Женска пејачка група „Ѓердан“ од Штип. Гости на манифестацијата беа делегации од Здружените фолклорни друштва „Паја Зариќ“ од Инџија Р.Србија и КУД „Грива“ од Р.Грција.
Публиката со истиот жар како и секоја година уживаше во изведбите на домаќините со орото „Ѓура Мара“. Во улога на Мара беше играорката Теодора Ристова, Ѓуро го играше Ѓорге Бозев, додека турци беа Оливер Попов и Петар Димитров. Во орото посветено на оваа вистинска случка пред еден и пол век во Миравци, наречено „Ѓура Мара” крајот е среќен – братот Ѓуро поведува победоносно оро со својата сестра Мара и сите селани. Па, народниот фолклорен креатор ја има барем таа слобода, уметниците во својата изведба да ги направи победоносни и бесмртни.
Честит трет ден Велигден на миравчани, Честитки за прекрасната традиција која ја чуват и негуваат, честитки за празничниот настап и на другите фолклористи, гости и делегации.
Традицијата живее со богатиот фолклорен живот во Миравци!




















