Пред почетокот на Велигденските празници и дочекот на бројите гости во Дојран и Дојранското езеро бевме сведоци на засилени акции за чистење и уредување на комуналниот јавен простор од страна на општинското јавно претпријатие за комунални дејности „Полин“ Дојран. Пешачката патека покрај езерото исчистена, жардинериите пополнети со сезонско цвеќе, улиците изметени…
Но, на потегот кај месноста Топлец, каде постои простран парк во близина на каналот низ кој дотекува вода од пумпите на „Системот за спас на Дојранското езеро“ од с.Ѓавото, богданско, доброволна акција за чистење спроведе самостојно само еден човек, Бранко Караколев од Нов Дојран.
Тој е момчето кое што доброволно за 20-на дена го исчисти каналот кај „Топлец“ во ноември минатата година, кој беше обраснат со трева и самоникнати дрвја и го спречуваше дотокот на водите во Дојранското Езеро од ХС кај Ѓавото. Со него во доброволната акција учествуваше и неговиот другар Самир Патрон, исто дојранчанец. Никој од надлежните за одржување на јавниот простор не ги награди овие луѓе, освен доброволни донации во гориво од страна на граѓаните и симболични средства за покривање на трошоците за работа.
Деновиве, со будењето на природата и активниот раст на тревите, полските цвеќиња, новите самоникнати фиданки дрвја, после 6 месеци Бранко повторно се пушти во акција за чистење, но сам. И овој пат го разубавува местото во месноста Топлец, но и патеката до Фердинандовата чешма, која претставува дел од туристичките тури на разгледување низ Дојран за посетителите на ова наше јужно летувалиште.

Бранко Бара помош во гориво за својот тример. За дневница никој не се јавил да го контектира, да го пофали, да го награди за самостојниот труд. Има ли спремност кај граѓаните за нова донација на овој неуморен екологист од Дојран, кој превзема акции сам зошто го сака Дојран, овде живее и сака овде да придонесува.
Низ каналот кај Топлец не тече вода од ХС Ѓавото, ама местото мора да се одржува, за да не здивее тревата, за да може паркот кај Топлец да се посетува, за да може каналот да ги дочека водите од ХС Ѓавото чист, во моментот кога ќе проработат пумпите.
Убавините на Дојран ги сакаме сите, но и да ги гледаме и уживаме во нив во средена еколошка средина пријатна за око и за престој. Доброволците покажуваат како го сакат Дојран. Ќе покажат ли надлежните разбирање за оваа иницијатива, ќе покаже ли граѓанството поддршка за Бранко.
Ако сте кадарни да го донирате некое литро гориво и уље за тримерот на Бранко ќе го најдете од изутрина на месноста Топлец.

























