СВР Струмица – ОВР Гевгелија поднесе кривични пријави до Основното Јавно Обвинителство во Гевгелија за 4 лица од општина Дојран кои биле административни службеници во Општината, директори и функционери
Во првиот предмет, СВР Струмица – ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против Т.З. (37) од Стар Дојран, Б.К. (54) од Нов Дојран и А.А. (41) од Стар Дојран, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот закон.
Според пријавата, на 29.04.2024 година пријавените, со неизвршување на своите службени должности во текот на управна постапка, постапиле спротивно на повеќе законски прописи, меѓу кои Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата, Законот за води и Законот за градење.
- „Првопријавениот, во својство на овластен комунален инспектор во Општина Дојран, изготвил одобрение за градење за угостителски објект со хотелско сместување на инвеститор од Струмица, иако во основниот проект недостасувала задолжителна водостопанска согласност.
Второпријавениот, вработен како самостоен референт во областа на урбанизмот и градежништвото, го контролирал и одобрил издаденото одобрение, и покрај утврдените недостатоци.
Третопријавениот, кој во тој период ја извршувал функцијата градоначалник на Општина Дојран, го потпишал и го издал одобрението за градење“ – стои во објавата на МВР.
Во вториот случај СВР Струмица – ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против Р.Р. (62) од Стар Дојран, поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
- „Според пријавата, како директор на јавно претпријатие во периодот од април 2025 до јануари 2026 година, таа постапувала спротивно на законските прописи и ги пречекорила службените овластувања. По склучен договор за електронски систем за наплата на паркинг, пријавената побарала активирање на наплата на три паркинг-зони, меѓу кои и една без потребна согласност од надлежните институции. Со тоа, овозможила противправна имотна корист од околу 240.000 денари, на штета на повеќе граѓани“ – стои во описот на КП, а известува МВР.



















