Големиот школски оркестар составен од 19 гитаристи, ученици при „Школата за гитара“ во рамките на Пионерскиот дом Гевгелија и еден тапанист за придружба синоќа изведоа едночасовен концерт пред локалната публика како завршен настап од учебната 2025/26.
На сцената настапија учениците-гитаристи: Леона, Андреј, Верица, Еми, Филип, Гроздан, Димитар, Мила, Томас, Сара, Никола, Јован, Матеј, Аника, Сара, Мартин, Антонио, Дона и Петар во придружба на нивниот ментор Костадин Динев, познат гитарист од гевгелиската група „Зијан“ и еден тапанист Даниел Новаков од „Школата за тапани“.
Овде беше и вечната придружба пред Храмот на културата, хавајскиот гитарист Илија Џаџев (во бронза).
Започнаа заедно со нумерата од филмскиот хит “Последниот мохиканец”.
Школата за гитара работи веќе 5 години како проект поддржан од Општина Гевгелија и работи во состав на културно-едукативната програма на Пионерскиот дом во Гевгелија. Менторот Костадин Динев е најдобриот можен избор за музичка едукација на гитара која стана популарна меѓу младите, па бројот на ученици секоја година расте.
Костадин се пофали дека до лани биле во дефицит со бас гитаристи, а годинава ги имаат во Школата тројца кои свират бас-гитара, тоа се: Никола, Мартин и Матеј, кои во изведбите на одбраните нумери од концертниот репертоар најизменично се менуваа во улогата на бас-гитарист.
Еве уште еден популарен музички хит од синоќешниот концерт, „Sunny“ од групата „Boney M“.
На концертот беа изведени и познати македонски народни песни, безвременските хитови од гевгелиската поп-рок група „Зијан“, нумери од познати групи од YU-рок сцената. Сите нив публиката ги прифати со аплаузи и овации.
Одличен концерт, одлична изведба!
Честитки за младите изведувачи гитаристи и за посветениот труд на нивниот ментор!




















