Со македонска песна и оро одиграно со над 300 играорци од 10 фолклорни друштва во саботата попладне започна 2-рата Детска фолклорна манифестација “На сред село во Негорци”, во организација на КУД “Негорци”.
Орото го поведоа играорците од домаќинското КУД-во од Негорци со песните “Македонско девојче” и “Бисер Балкански”, а манифестацијата продолжи со поединечен концертен настап на сите друштва на летната сцена од ООУ “Ристо Шуклев”.
На летната сцена настапија фолклористи од:
1. З-КУД „Негорци“ – Негорци
2. Фолклорен ансамбл „Тиквеш“ – Кавадарци
3. Фолклорно студио „Етнос“ – Скопје
4. Ансамбл „Керамичар“ – Велес
5. Фолклорен ансамбл „Кочо Рацин“ – Лозово
6. З-КУД „Бранд Петрушев“ – Фолклорна секција Стојаково
7. КУД „Бежанци“ – с. Нова Маала, Василево
8. КУД „Бахар“ – Чалакли
9. Фолклорен ансамбл „Злевски Бисери“
10. КУД „Вера Јоциќ“ – Македонска Каменица
11. З-КУД „Браќа Толеви“ – Прдејци
Вака беше пред настапот, дворот на училиштето „Ристо Шуклев“ вриеше од младост, убавина и спремни играорци за настап.
Ова е фолклорен празник за Негорци!
Ова е продолжување на македонската роднокрајна култура со изведба на македонските народни песни и ора од најмалите следбеници, децата.
Така се чува и негува нашата богата фолклорна традиција!




Првата палка на тапанот и улогата на диригент на настапите, организацијата, поканите на фолклорните друштва, настапите и домаќинската улога на КУД „Негорци“ ја имаше Ѓорги Јованов од Негорци, основач и претседател на КУД „Негорци“ од Негорци кој годинава одбележува три важни животни јубилеја: 40 години активно творење во фолклорот презентирајќи ги македонската песна, ора и традиција на домашната и меѓународната сцена, 50 години дружба и растеж во областа на фолклорот и 60 години живот.
Фестивалската манифестација „На сред село во Негорци“ е нов културен проект од КУД „Негорци“ осмислен од неговиот раководител, тапанџија и раководител на оркестрот Ѓорѓи Јованов кој со масовноста на учесниците и привлечената публика ја оправдува својата мисија како продолжеток на културната традиција на македонскиот фолклор и помеѓу помладите генерации, наследници на културата и македонскиот бит.





















