Познатиот вљубеник во Македонија, македонскиот јазик и чест посетител на македонските знаменитости, Германецот Фин неделава ја посети Гевгелија, поточно гевгелискиот крај.
Беше на оро „На сред село во Негорци“, запеа „Македонско девојче“, се изненади од убавината на македонската песна и традиција што ја негуваат најмалите, децата. Вака изгледаше и звучеше неговата „опиеност“ од сенарониот амбиент во с.Негорци, гевгелиско каде главни актери на програмата беа деца од фолклорни друштва од 10-на општини од Македонија.
Убавото расположение Германецот во Македонија, младиот и љубопитен Фин го однесе и во соседното село Прдејци, гевгелиско. Овде вели видел повеќе трактори од жители на селото, па и мали тракторчиња, со заклучок дека децата од мали се учат да возат трактори и да бидат вредни домаќини.
Фин беше изненаден од температурата која го дочека на патот кон Прдејци и природата која ја затекна, со средени дворови, палмини дрвја, па заклучи: „Како на Малдивите“.
Еве го неговото нескриено уживање од посетата на Прдејци.
Од видеата се гледа дека жителите на југот со радост го поздравуваат и се радуваат на неговата посета.
– „Германец во Македонија, или македонски германец, не знам што сум“ – вели Фин.
Ние ќе одговориме: „Наш искрен пријател, секако!“




















