Тричасовна акција за спас на имотите, посевите и родот на нивите во Стојачкото поле беше доволна да се ликвидира огнот и опасноста за стојачани, од пожарот кој се приближуваше дури и до првите куќи од населбата.
Како изгледаше одблизу самопрегорната борба на жителите на Стојаково долови Р. Иванџиков кој ја опиша и локацијата која денеска беше под оган:
– Пожарот избувна позади „Екосто“ и се рашири до фолиите на „Марин З“ и до „Славе лешниците“.
На терен прва се јави да интервенира екипата на ТППЕ Гевгелија со 7 пожарникари и 2 ПП возила.
Минатиот пожар во Стојачкото поле изгореа 30 хектари. Поучени дека огнот може брзо да им го сотре родот, денеска жителите на Стојаково се мобилизираа во брза акција за спас на посевите. И цревата за полевање од домашните чешми беа во функција да се заштити имотот, да се наводени околината за да не може да гори…
Иванџиков вели: – „Многу луге кои имат имот во тој дел активно се вклучија во гаснење на огнот .
Сите шибери за вода беа пуштени за гаснење. Ама има и ШТЕТА, изгореа неколку шпалири и одрини и др. Огнот може да е од човек, или од струјни искри, бидејќи таму поминуват жици и столбовите преку кои оди струја за Селемли. Да внимаваме“ – порача Роберт.
Еве како изгледаше на терен, таму каде што огнот помина со сета своја уништувачка сила:
Ветрот брзо го ширеше огнот во правец кон селото. Пожарот е изгаснат, но звукот од видеото е доказ дека уште и присутен ветрот, помошникот на огнот, кој пожарникарите и ТППЕ Гевгелија го задушија по три часовна борба, во 16 часот.
Жителите на Стојаково и имателите на земјоделски имоти сами се појавија на првата огнена линија пред своите имоти да се соочат со огнот.
Дали несовесноста при престојот во природа и овој пат направи штета од огнот. Дали ќе се научиме дека секој фрлен отпушок може да предизвика пожар. Дали ќе им застанеме на патот на ваквите непосакувани елементарни непогоди, за да не страдаат имотите, посевите, трудот на нашите вредни граѓани!?
При секој детектиран случај на пожар ТППЕ Гевгелија апелира да се јавите во најбрз можен рок на телефонскиот број за противпожарна заштита 193, или на меѓународниот број за помош 112.




















