Најстариот сообраќаен р’бет на Гевгелија, улицата наречена „Од станица до граница“ веќе извесен период е во фаза на реконструкција со цел враќање на нејзиниот автентичен изглед после многуте раскопувања и погрешно поставување на гранитните коцки од страна на изведувачи на подземна инсталација, водоводна, електрична, канализациона.
Целиот проект се спроведува со помош на средства одобрени од Владата на РСМ преку Министерствиото за транспорт и врски, средства во вредност од над 81 милион денари, доверени на општина Гевгелија за реализација на проектната цел.
По тој повод, увид во текот на работите во изведбената фаза на поставувањето на горниот костур на улицата со старите гранитни плочки, денес во посета на Гевгелија беше Вицепремиерот на Владата на Р.С.Македонија и Министер за транспорт и врски Александар Николовски.
Покрај средба со претставници од општината Николовски имаше средба и со главниот инженер за спроведувањето на проектот од кој доби корисни податоци за текот на реконструкцијата.

Освен улицата „Маршал Тито“ Вицепремиерот Николовски изјави дека севкупно Владата во општина Гевгелија до сега инвестирала над 165 милиони денари за повеќе инфраструктурни проекти, како во градот, така и во Моин, Прдејци, Богородица.
Градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов како домаќин на посетата на Вицепремиерот и Општината, како надлежна за спроведување на проектот за реконструкцијата, потенцираше дека реконструкцијата на главната улица “Маршал Тито” ќе опфати делница во должина од 700 метри од Градската библиотека до Железничката станица и ќе ја задржи својата автентичност, но ќе има и нови урбани решенија во однос на инсталациите, осветлувањето, дрворедите.
Рокот на изведбените работи изнесува 240 дена. Работите започнаа пролетта, се очекува да финализираат до ноември годинава. Целата работна површина на улицата која се реконструира изнесува 5.600 метри квадратни поставени со гранитни плочки, истите автентични од пред речиси два века и нови гранитни плочки за тротоарите, каде се изведени места за нови садници дрвја, со подземен систем за наводнување и одржување на нивниот растеж.
Гостите си заминаа, остана механизацијата со работниците да си ја довршат работата и мајсторот Александар кој ги реди коцките гранит во полукружни автентични форми, како рибини крлушки. Вели дека во зависност од времето дневно реди од 5, 10, или 15 метри квадратни, ако не врне дожд, или ако не е премногу жешко.
Со среќа мајсторе! Нека заличи Гевгелија!



















