Фолклорниот состав од Здружението КУД „Негорци“ од Негорци учествуваше на Вториот по ред Меѓународен фолклорен фестивал што се одржа во Македонска Каменица под наслов „Каменица пее и игра“, од 17 до 18 јули годинава.
Тие овде освен со својата богата автентична носија со која се одликува нашиот крај, се претставија со сплет на песни и ора од Егејскиот дел на Македонија.

На фестивалот настапија ансамбли од повеќе земји, ФГ „Бисери“ од Благоевград, КУД од Србија, ФА „Осоговски извор“ од Оризари, Кочани, ФС „Блажевски“ Скопје, ФА „Китка“ Истибања, а македонскиот југ го претставуваа фолклористите од Негорци. Погледнете дел од нивниот настап:
Фестивалот во Македонска Каменица е поврзан со два настана вткаени со традицијата и природата – Меѓународниот фолклорен фестивал „Каменица пее и игра“ и саемот „Денови на медот 2026“.
Организатори на настаните се КУД „Вера Јоциќ“ и Пчеларското здружение „Еко Кам Мед“ од Македонска Каменица.
Програмата започна на пладне во петокот на Градскиот плоштад со саемот „Денови на медот“, каде посетителите можеа да дегустираат и да купат мед и природни производи од локални пчелари.
Вечерната програма стартуваше со парадно дефиле на учесниците низ улиците на градот. Потоа следуваа фестивалските вечерни настапи на фолклорни ансамбли од Македонија и странство.
Организаторите посочуваат дека фестивалот претставува заедничка прослава на традицијата и културата, преку настаните исполнети со фолклор, музика и автентичните медни вкусови.























